Косовската влада на денешната седница одлучи да ги прошири санкциите против Русија и Белорусија поради војната со Украина, објави „Репортери“. Вршителот на должноста министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља изјави дека одлуката е предложена од Министерството за надворешни работи на Косово како продолжение на спроведувањето на рестриктивните и економските мерки што ги воведе ЕУ против Руската Федерација.
„Со цел да се поддржи спротивставувањето на агресијата на Руската Федерација против Украина, во согласност со мерките и санкциите на ЕУ и САД, Министерството за надворешни работи предложи донесување одлука за спроведување на 15-тиот, 16-тиот, 17-тиот и 18-тиот пакет санкции на ЕУ против Руската Федерација, како и релевантни дополнителни мерки“, рече Свечља, како што објави „Репортери“.
Тој додаде дека санкциите се однесуваат на превозниците на сурова нафта и други руски нафтени производи, додека 17-тиот пакет санкции вклучува економски и индивидуални рестриктивни мерки насочени кон намалување на приходите од енергија што служат како приход за финансирање на војната, како и мерки насочени кон стратешките сектори на Русија, вклучувајќи ги и банките.



