Односот на руските власти кон осомничените за учество во нападот во Москва отвора бројни прашања: очигледно е дека биле тешко мачени. Тоа, судејќи по се, е нешто што и се сакало да ѝ се покаже на јавноста.
Руските служби за безбедност никогаш не биле познати по благото постапување кон осомничените. Но, сликите од четворицата мажи кои наводно биле учесници во терористичкиот напад на концертната сала „Крокус сити“ во Москва се необични дури и за руските стандарди.
Пред московскиот Окружен суд во неделата навечер беа претставени четворица мажи кои очигледно биле изложени на тешко мачење. Еден од нив, чие име е наведено како Саидакрами Муродали Рачабалисода, немал само модринки на главата и отечено око.
Преку неговото лево уво имало завој – очигледно по апсењето му било отсечено дел од увото. Според извештаите на медиумите, видео-снимката која покажува брутално постапување кон тој затвореник наводно била објавена на Телеграм канал близок до групата „Вагнер“.
Мачење со електрошокови
Уште еден уапсен, Шамсидин Фаридуни, исто така се појавил пред суд со видливи отоци на лицето. Сликите на Телеграм наводно покажуваат како после апсењето бил мачен со електрошокови во подрачје на гениталиите.
Околу вратот на уапсениот Далерџон Мирсојев во судницата се видела пластична ќеса – набљудувачите заклучиле дека така му бил кратен здивот. И тој имал модринки на окото.
Четвртиот приведен, чие име е наведено како Мухамедсобир Фајсов, внесен бил во судницата во болничка пижама и на инвалидска количка. Набљудувачите напишале дека ја изгубил свеста во текот на сослушувањето. Тој очигледно останал и без левото око.
Обвиненијата од праисторијата
Тоа дека руските служби ги мачат осомничените не е ништо ново: невладината организација за човекови права „Human Rights Watch“ веќе долго време за тоа ги обвинува тамошните власти. Руската невладина организација „Екипа против тортура“ на својата веб-страница наведува повеќе од 3.700 случаи на кршење на човековите права и повеќе од 370 случаи на мачење.
„Јасно демонстративниот карактер на мачењето“ сепак претставува еден нов квалитет, наведува лондонски „Guardian“, цитирајќи ја Таља Локшин од „HRW“. Очигледно е дека сцените од мачењето на осомничените, како што рекла, не се случајно објавени. Тоа, смета таа, е предупредување за сите кои планираат напади на Русија.
„Таквите видеоснимки ја покажуваат мерата до која насилството во последните две години во Русија стана нормалност. Претходно постоел широк спектар на обвиненија за систематско мачење од страна на руските служби за безбедност, досега би било незамисливо тие гордо да објавата видео-докази за тоа“, рекла Локшина.
Рускиот политиколог и новинар Кирил Логов оди и подалеку, и во тие настани ја препознава специјалната техника на рускиот претседател Владимир Путин, со која тој реагира на кризи и слабости.
Порталот „Декодер“ го цитира Рогов: „Таа техника се состои во следното: кога некоја криза ќе ја открие твојата слабост, без одмазда мора да се биде насочен на тоа што е во твој досег. Тоа по правило не е некој кој е одговорен за твојата слабост, но тоа не игра никаква улога, бидејќи пред сè ефектот на ударот има за цел да го отстранат впечатокот од твојата слабост која настанала во текот на претходниот пораз. Тоа е смислата на таа техника“.
Орден и смртна казна?
Некои од службениците кои учествувале во апсењето на осомничените, според извештаите на медиумите, веќе добиле одличја. Руската влада истовремено не покажало интерес за обвиненијата за мачење и одбила да ги коментира.
За тоа се огласил и поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, велејќи дека сите кои имаат врска со нападот или барем имаат симпатии кон напаѓачите, треба да бидат убиени.
Медведев најдоцна од почетокот на инвазијата на Русија на Украина ја презема улогата на радикален агрегатор. Сепак, тој не е сам во тоа, бидејќи во Русија по терористичкиот напад е отворена дебата за повторно воведување на смртната казна. Таа во 1999-та била укината од тогашниот руски претседател Борис Јелцин.
Претседателот на парламентот Вјачеслав Володин смета дека смртната казна може брзо повторно да се воведе, бидејќи таа официјално никогаш и не била укината. За тоа, како што вели, потребна е само одлука од Уставниот суд.