Не можеме да ја ревидираме историјата по барање на друга држава. Историските прашања не треба да бидат услов за европската интеграција на државата, смета претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Во интервју за државната МИА, Сиљановска – Давкова вели дека европската идеја подразбира соработка и помагање меѓу државите, а не блокади и поставување пречки на патот кон членство.
– Мојата перцепција за Европа, за членство, не е на зелената маса да блокирате некој друг. Напротив, да креирате заеднички политики или да му помогнете на тој другиот да седне до вас, за да можете полесно да ги надминете проблемите кои ви се заеднички. Но, повторно велам, ние, како и досега, некако сме исклучок. Но, не поради нашата себеисклученост во поглед на многу прашања, туку поради тоа што некој друг сега има забелешка на нешто што е само наше – историја, идентитет, вели Сиљановска-Давкова.
Вели дека треба да се разговара и дека нема проблем да се разговара..
Решенијата поврзани со клучните национални прашања, смета Сиљановска-Давкова, мора да произлегуваат од внатрешен консензус, а наметнатите решенија во минатото, вели, не донеле трајни резултати, туку отворале простор за нови барања.
Смета дека ќе може да се најде решение доколку станува збор за прашање што ја засега и Европската Унија, а не само билатералните односи.
Историчарите, додава Сиљановска-Давкова, не треба да бидат ставени во улога на усогласувачи на историјата, бидејќи во политиката, вели, е можно усогласување, но не и во историјата.
– Ги политизираме историчарите. Како тоа ќе ја усогласуваме ние историјата? Се разбира дека не треба да имаме во читанките навреди, не треба да имаме несоодветни зборови, говор на омраза, меѓутоа не можете вие да ревидирате историја бидејќи историјата е дел од нашиот идентитет. Лошо е да живеете во историјата, ама да ја имате предвид историјата – тоа е нешто нормално. Секој народ има право на своја историја, на читање на историјата по свое. Не е добро ако вие живеете во историјата, вели претседателката Сиљановска-Давкова..
The post Не можеме да ја ревидираме историјата по барање на друг, порачува Сиљановска-Давкова во интервју за МИА appeared first on Provereno.



