Новиот претседател на Сојузот на стопански комори Горан Ѓорѓиевски се надева дека работната сила која недостасува во државава делумно ќе се обезбеди од јавната администрација, која би преминала во приватниот сектор. Ѓорѓиевски во своето прво јавно појавување како лидер на оваа стопанска организација истакна дека ако владата не најде начин на пренасочување на вишокот од јавната администрација во компаниите, ќе мора да се увезуваат работници од странство. Тоа би донело други реперкусии за целото општество. Сепак, според Ѓорѓиевски, досега нема информации дали ова е остварливо, во вакви политички околности.
„Малку оптимистички ми беше, јас сум оптимист по природа. Јас би сакал да биде така или да се оди во таа насока да во даден момент тие вработени да дојдат на пазарот на труд“, изјави Горан Ѓорѓиевски, претседател на ССК.
Ѓорѓиевски ги истакна приоритетите за кои ќе се залага како нов претседател на Сојузот на стопански комори, при што зголемувањето на продуктивноста, но и на обезбедување на долгорочни кредити со ниски камати и со големи грант шеми кои би изнесувале и до 60 отсто од висината на заемот, ќе му биде приоритет.
Тој најави дека се можни кривични пријави за претходното раководство кое при примопредавањето на функцијата не ја доставило и архивата на Комората, односно навела дека таа се содржи само во еден регистер.
„Апсолутно, ќе се направи ревизија на самото работење и тоа во најкратко можно време во кое што сакаме да ги утврдиме внатрешните случувања, внатрешните процеси што тоа се случувало и во однос на финансиите, главно во однос на финансиите и во однос на архивското работење, практично не наследивме архива, да видиме какви се внатрешните случувања и апропо тоа ќе повлечеме соодветни правни постапки“, изјави Горан Ѓорѓиевски, претседател на ССК.



