Петровски: Нема ниедна причина за Мицковски да не поднесе оставка по поразот

Loading...

Петровски: Нема ниедна причина за Мицковски да не поднесе оставка по поразот

Сто проценти од членовите на ВМРО-ДПМНЕ сакаат партијата да победува, затоа и постојат партиите, нели? Ако може да се направи анкета во која сите членови најискрено би кажале дали сметаат дека Мицковски е вистинскиот претседател во кој имаат максимална доверба и кој има најголем лидерски капацитет за партијата повторно да почне да победува, огромен дел од членовите, многу близок до тие сто проценти, ќе ви одговорат со НЕ!

Сосема разбирливо и логично, бидејќи со него на чело, со сите негови хипотеки за тоа како и со чија поддршка станал претседател, за неговото „цврсто“ завземање ставови за клучните прашања за кои стопати одговарал ама ниту еднаш не одговорил, за начинот на кој ја води партијата во неколкуте избори во кои ги губи едни по други, партијата успеа да ги изгуби и последните изборите во кои СДСМ влезе послаб од кога било порано. Ако сега не победи, кога ќе победи? И за да покаже уште поголема слабост, за поразот ги обвини луѓето кои не гласале! Па нели цел на партијата е да ги убеди гласачите да гласаат за неа, зошто тој утна во тоа?

Сега, Мицковски грчевито се бори да остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ, иако самиот изјави дека ако ги загуби изборите, ќе си поднесе оставка. Сега-засега успева во тоа, иако прави секојдневни утки. Како му успева и покрај слабите перформанси, што е тоа што го штити од брзо заминување од позицијата? Постојат три основни фактори.

Прво, го штитат луѓето кои се во неговата непосредна околина. На најголем дел од нив им подарил функции кои ни оддалеку не ги заслужуваат, ниту по партиски углед, ниту по личен капацитет. Неговото заминување за нив претставува реална опасност да ги загубат незаслужените високи партиски позиции. Поради тоа оваа групација се обидува сите оние кои го критикуваат „нивниот“ вожд да ги претстават како предавници, криминалци, профитери и што уште не. Не дека не постојат и такви, но тактиката е јасна – секој што не е со нас, треба да отпадне од ВМРО-ДПМНЕ како штетно ткиво. Тие самите се поистоветуваат со партијата, без да водат сметка дека ОГРОМЕН дел од членовите кои тие ги класифицираат како непријатели, всушност се далеку поквалитетни и поголеми вмровци од нив самите. И при тоа воопшто не размислуваат дека ако успеат во својата намера за вакво „чистење“ на „предавниците“, тешко дека повторно некогаш ќе победуваат. Со ваквиот начин на делување, „бранејќи“ ја, ја осудуваат партијата на пропаст.

Оние малкуте од екипата околу Мицковски кои не се вклопуваат во овој модел, го штитат поради вториот фактор – поделеноста во ВМРО-ДПМНЕ. Поделеноста отсекогаш била белег на најголемата македонска партија, но Христијан Мицковски, токму поради немањето лидерски, а уште помалку демократски и обединувачки капацитет, го подели ВМРО-ДПМНЕ на безброј групи и групички. Процесот беше почнат од порано, но тој со своите изборни порази значително го интензивира. Токму таа поделеност, која е канцер за партијата, во овој момент го штити. Иако самиот има речиси незначителна поддршка, секоја група се плаши приматот да не го преземе  друга и Мицковски им изгледа како помало зло. А секоја поединечно е недоволно силна да ги обедини другите. Ова е типичен балкански парадокс. За сите заедно тој е нула, ама останува на власт во партијата бидејќи другите не можат да се договорат.

Но, ќе се договорат, мораат да се договорат бидејќи за сите сепак најголемо зло е партијата да отиде во неповрат. ВМРО-ДПМНЕ е голема партија и ќе се најде обединувачка компонента кај сите кои и мислат добро. А кога тоа ќе се случи, ќе треба да го решат проблемот со третиот фактор кој Мицковски сеуште го одржува – Статутот.

Статутот на ВМРО-ДПМНЕ е, нешто што воопшто не изненадува, исклучително недемократски! За смена на лидер е потребно или самиот да си даде оставка или Централниот Комитет, орган кој речиси во целост е контролиран од претседателот на партијата, со 2/3 мнозинство да донесе одлука за распишување на Вонреден Конгрес. Толку! Други можности не постојат! Собирањето потписи од делегатите на претходниот Конгрес е само малтретирање на делегатите, така не може да се дојде до вонреден Конгрес. Секоја иницијатива на крај мора да дојде до ЦК и да се стави на дневен ред. Обезбедувањето на двотретинско мнозинство во Централниот Комитет е практично невозможна мисија во услови кога сите членови што би гласале против претседателот би гласале и против самите себе, бидејќи промената на претседателот веројатно би водела кон нивна сменазатоа што тој им ја дал функцијата преку која станале членови на ЦК. А ако почуствува дека може да го изгуби мнозинството, на претседателотне му е никаков проблем, преку „освежување“ на партијата да ги елиминира неподобните.

Значи, тоа се трите „пилари“ на кои се потпира претседателствувањето на Мицковски:

клиентелизмот и полтронството на екипата околу него, т.е. членови на кои има поважно да имаат фиктивна позиција во партијата отколку таа да победува,

длабоката поделеност на партијата и недоволната иницијатива поделените групи да се обединат,

недемократските акти на партијата кои максимално ја отежнуваат постапката за предвремена смена на претседателот.

Сепак, и ваков систем на барикади нема да може да го одбрани Мицковски. Како и кај секој троножец, доволно е да откаже едната потпора.

Новиот Статут е донесен на нерегуларен начин. На членовите на ЦК не им е даден да го прочитаат, проучат и потоа да се произнесат, туку со него се запознаени на самата седница за усвојување, и тоа така што им се прочитани „придобивките“ и наведено е што се менува. Трагикомично, претставени се промени кои воопшто не одговараат со содржината која ја има конечната верзија. На пример, на членовите им е кажано, а така беше претставено и во јавноста, дека членството ќе ги бира претседателите на ОК и кандидатите за градоначалници преку ново тело –  Собрание на ОК. Ова е огромна измама!

Во новиот Статут во член 66 стои дека тоа Собрание на ОК до Извршниот Комитет испраќа 3 кандидати од кои ИК го врши конечниот избор. А и самиот состав на Собранието на ОК е од лица кои се по функција и најголем дел не се избрани од членството.
Оваа измама сеуште не е перципирана од  поширокото членството, но ќе стане големо разочарување и ќе создава револт кај членовите, уште повеќе што и такви како што се, предвидено е овие измени да важат од 2022 година. Кога Статутот се донесува со измама, што останува за целокупното делување во Партијата? Ако не се промени состојбата под итно, наскоро Општинските Комитети ќе се соочат со повторно поставување на претседатели на ОК и избор на кандидати за градоначалници од „горе“. Во услови на разединета партија, тоа е сигурен рецепт за нов пораз.

Стравот од нов пораз кој би значел сериозен удар врз опстојувањето на партијата во наредниот период, МОРА да ги обедини групите во ВМРО-ДПМНЕ кои се за смена на Мицковски. Нема друга солуција! Сепак тоа се разумни луѓе на кои им е јасно дека е подобро во победничка партија да се биде без висока позиција, отколку да се биде во врвот (или на врвот) на партијата која губи избори и полека се распаѓа. Тие знаат дека во добро организирана партија за секој кој вреди има место. Ако на социјалните мрежи се следат коментарите на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш може да се заклучи дека сите сакаат промени и едноставно сите бараат обединување. Коментарите дека на некој не му е местото во партијата повеќе се лични ставови и заклучоци од стандардното партиско оговарање.

Ништо не може да ја обедини партијата како демократски внатрепартиски избори. Секогаш учеството на членовите во МК е максимално кога има некакви избори. Ако на сите им се даде шанса, ако сите имаат можност преку гласање да му дадат подршка на тој во кој имаат доверба, не постојат причини зошто не би се вратиле во партијата и тие кои со години не влегувале во штабовите. Токму тоа е клучот за успех. До нов лидер не треба да се дојде преку фаворизирање на една или друга група, преку однапред прогласување фаворити. До нов лидер ќе се дојде во демократски процес, кога членството ќе почувствува кој може да го води. Тие кои ја немаат поддршката од мнозинството, секако ќе отпаднат и ќе победат најдобрите.

Она што му е потребно на ВМРО-ДПМНЕ е промена на системот, на концептот на внатрепартиски избори, не само промена на претседателот. Мора да се прекине со моделот од горе-надолу на поставување на функционерите. Ако функционерите се поставуваат од доле-нагоре, тогаш многу помалку ќе биде важно кој е претседател, а многу поважно ќе биде кои се членови на останатите органи. Членството секогаш ќе знае кој да избере ако му се даде шанса. Ако тоа го разберат водачите на групите за смена на Мицковски, тогаш СИТЕ ќе бидат победници од старт.  А ќе разберат. Ќе разберат затоа што повеќемината од нив се партијци со долг стаж, искусни во органите на партијата, угледни во средината, имаат и индивидуални и партиски успеси. За секој од нив може да се каже дека поедниечно е поквалитетен од Мицковски, ако судиме по ова што тој досега го прикажа. Ќе разберат и ќе се обединат, бидејќи за нив партијата е поважна од суетата. Прашање на ден е!

Во однос на оној првиот столб… Тие се неважни! Како и секогаш, први ќе се обидат да се приклонат кон победникот… Само овој пат, ќе имаат филтер пред себе. Па кој помине, убаво и за него и за ВМРО-ДПМНЕ!

Мицковски ќе си оди, тоа е повеќе од сигурно!

Најмногу заради тоа што … ај кажете една причина за да не си оди, а да биде издржана! Кажете ШТО ќе изгуби ВМРО-ДПМНЕ ако тој повеќе не е претседател?

Немате одговор?

Ете токму ЗАТОА ќе си оди! За доброто на ВМРО-ДПМНЕ! И ако малку има доблест, ако чувствува макар малку благодарност за привилегиите што му ги овозможи ВМРО-ДПМНЕ, Мицковски треба самиот да се повлече за да ја направи партијата посилна!

* * * * Следете не на Фејсбук. * * * * Имаме интересни содржини секој ден, сите не се објавуваат на сајтот!!
loading...