Преглед на дополнителните квалификации за ЕУРО


Фудбалерите на Украина изборија финален натпревар во својот дел од дополнителните квалификации за одење на Европското првенство по големиот пресврт во финалето и победата од 2:1 во Зеница против Босна и Херцеговина. Во финалниот меч Украина ќе биде домаќин на неутрален терен против Исланд, кој во Будимпешта го совлада Израел со 4:1, во второто полуфинале од овој дел од баражот.

Фудбалерите на Босна и Херцеговина беа подобри во голем дел од натпреварот против Украинците, но сѐ прокоцкаа во самата завршница. По центаршутот на Дедиќ, домашните поведоа во 56. минута кога Матвиенко несмасно ја погоди сопствената мрежа. До 85. минута Босна и Херцеговина имаше победа во рака, но потоа почна пресврт. Најпрвин Јаремчук добро реагираше на повратната топка и израмни во 85. минута, додека Довбик само три минути подоцна го замолкна стадионот во Зеница и погоди за славјето на Украинците. Со ова продолжи проклетството на дополнителни квалификации за БиХ, чија селекција потклекна по четврти пат во завршната фаза на потенцијалниот пат кон ЕУРО. Еднаш беше запрена и во дополнителните квалификации за Светското првенство.

Украина има уште дуел против Исланд, кој го совлада Израел со 4:1 во Будимпешта, иако Израелците поведоа кога Захави реализираше пенал во 31. минута. Сепак, до крајот на првото полувреме веќе беше 2:1 за Исланд, а потоа и 4?1. Израел играше со играч помалку од 73. минута кога Ревиво беше исклучен. Херој на Исланд беше Гудмундсон кој постигна три гола, додека Траустасон додаде уште еден.

Севкупниот победник од овој дел од дополнителните квалификации оди во групата Е на Европското првенство каде се наоѓаат Белгија, Словачка и Романија.

Во вторник во Кардиф фудбалските репрезентации на Велс и Полска ќе одиграат натпревар кој ќе реши кој од двата противника ќе оди на годинешното Европско првенство чиј домаќин е Германија. Во својот дел од дополнителните квалификации и двете репрезентации го искористија домашниот терен и со убедливи победи го изборија финалниот натпревар во кој предност ќе има Велс, бидејќи ќе игра пред своите гледачи. Во полуфиналето, Полска ја победи Естонија во Варшава со 5:1, додека Велс ја победи Финска со 4:1 во Кардиф.

Велс заврши голем дел од работата против Финска во воведните 40 минути. Тогаш домашните веќе водеа со 2:0 по головите на Брукс во третата и Вилијамс во 38. минута. Финска за кратко се понадева по голот на Пукки во самиот финиш на првото полувреме за 1:2, но на стартот на вториот дел Велс се врати на два гола предност кога Џонсон погоди за 3:1. Сѐ беше решено со голот на Џејмс во 86. минута за конечни 4:1.

Полска беше уште поубедлива, во Варшава ја совлада Естонија со 5:1. Првиот гол за Полјаците го постигна Франковски во 22. минута, а пет минути подоцна и онака инфериорните Естонци останаа со десетмина на теренот, бидејќи Паскоти го заработи вториот жолт картон. Стрелци за Полска до крајот беа Зиелински во 50. минута, Пјотровски во 70. минута, автогол на Мец во 73. минута и Шимански во 76. минута. Почесниот гол за Естонија го постигна Веткал во 78. минута.

Вкупниот победник од овој дел од дополнителните квалификации оди во групата Д на Европското првенство каде се наоѓаат Холандија, Франција и Австрија.

Грчките фудбалери лесно ја прескокнаа првата од двете пречки на можниот пат до Германија, во полуфиналето од својот дел од дополнителните квалификации во Атина го победија Казахстан со 5:0. Целата приказна на овој натпревар беше заклучена во првите 45 минути, бидејќи на Грците постингаа четири гола. Сѐ започна со пеналот на Бакасетас во деветтата минута, а потоа мрежата на гостите ја наполнија Пелкас во 15. минута, Јоанидис во 37. минута и Курбелис во 40. минута. На самиот крај Марохин ја погоди сопствената мрежа во 86. минута за конечни 5:0 на Грција.

Претходно Грузија се пласираше во финалето по победата од 2:0 на домашен терен против Луксембург. Јунак на грузиската победа беше Буду Живзивадзе, кој ги постигна двата гола, во 40. и 64. минута. Во првото полувреме Грузијците доминираа, а подобра игра ја наплатија во мирниот дел од првиот дел кога Живзивадзе погоди за 1:0. На почетокот на вториот дел Луксембург можеше да се врати во игра. Всушност гостите израмнија, но ВАР-от потоа го поништи голот поради наводен прекршок во нападот. Потоа гостите останаа со играч помалку во 58. минута кога беше исклучен Шанот, а веќе во 64. Грузија направи огромен чекор кон триумфот. Повторно стрелец беше Жививадзе, овојпат за 2:0. Грузија со играч повеќе и два гола предност, рутински го приведе натпреварот и дојде на чекор до настап на ЕП.

Грузија и Грција во вторник ќе одлучуваат за патувањето на ЕУРО, а натпреварот ќе се игра во Тбилиси.

Вкупниот победник од овој дел од дополнителните квалификации оди во групата Ф на ЕП каде се наоѓаат Португалија, Турција и Чешка.

Пронајдете не на следниве мрежи: