ПРЕД НАС Е ПРВИОТ СНЕЖЕН ВИКЕНД: Ќе биде мокро и студено, скијање од средината на декември

Првиот снежен бран во Македонија доаѓа в сабота.Според УХМР, во текот на денешниот ден (четврток, 16 ноември) времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност, со слаб до умерен ветер и со максимални температури до 18 степени.

И за в петок се најавуваат максимални 17 степени, но попладне, под влијание на нов влажен и студен бран, ќе има врнежи од дожд, пообилни во ноќните часови кога на планините ќе преминат во снег.

Метеопрогнозерот Славчо Поповски најавува дека снег во повисоките градови под 1000 метри надморска височина ќе почне да паѓа уште в петок навечер, а в сабота снежните врнежи ќе бидат поинтензивни.

Викендов ќе почне со циклонска активност од запад и продор на студен воздух од север, предвидува тој. В петок вечер и в сабота ќе има обилни врнежи од дожд, локално проследени со грмежи, а врнежите од дожд на планините ќе преминуваат во врнежи од снег и ќе се формира снежна покривка.

Ќе дува засилен, повремено силен ветер од северен и од северозападен правец, повремено и локално со брзина дури до 90 километри на час. Од недела и во почетокот на наредната седмица температурите ќе се спуштат под нулата и на повеќе места ќе има појава на мраз.

Максималните дневни температури за време на викендот значително ќе се намалат и ќе изнесуваат од 4 до 12 степени.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.