За да влезете во остатокот од вашиот живот со нова страница, направете една самоанализа што ќе ви помогне подобро да се запознаете и да си поставите јасни цели за годината што следи.
За таа цел, одговорете си искрено на овие седум прашања пред вашиот роденден:
1.Кои цели ги остварив?
Почнете позитивно и размислете кои цели што си ги поставивте лани ги исполнивте во текот на годината. Нова работа, ново хоби, преуредување на станот, патување, промена на навики…? Сите работи кои сте успеале да ги реализирате, дури и оние најмалите, како прочитана книга, нека ви бидат мотивација за во иднина.
2.Кои цели не ги остварив и зошто?
Ако нешто навистина сакате, ќе најдете време и енергија за тоа. Сигурно постои и друга причина, освен стресот и немањето доволно време, зошто не сте реализирале некои планови. Откријте кои се и бидете искрени дали и понатаму сакате да работите на реализирање на таа цел или треба кренете раце од неа.
3.Што ме усреќи?
Ако погледнете на изминатата година со благодарност за убавите работи кои ви се случиле, тоа ќе ви помогне добро да ја почнете следната година. Кажете „благодарам“ на луѓето кои ви значат и им значите.
4.Што не ми успеа?
Тука спаѓаат планови на кои сте работеле, но не се реализирале онака како што вие сте сакале, односно замислиле. Гледајте на нив како на лекции, а не неуспеси. Анализирајте ги и сфатете каде и зошто не излегле како што сте сакале. Не е важно колку пати сте паднале, туку колку пати пак сте се кренале на нозе, нели?
5.За што жалам?
Повторно, од грешките се учи. Можеби ви звучи како клише, но има голема вистина во тоа. Во ред е да се покаете и да зажалите, сѐ додека не ги повторувате тие грешки.
6.Што научив?
Убаво размислете, сигурно на роденденот сте побогати за една вештина, корисна информација, животна лекција… понесете ги со себе во следната година и надградете ги.
7.Што треба да подобрам во мојот живот?
Интроспекциите се важни во циклусите на животот. Кога се погледнува кон иднината, обично нѐ обзема еуфорија и позитивна енергија, надеж дека откако ќе наполниме Х години сѐ ќе биде подобро. Но, промената на подобро почнува од нас самите. Само ние можеме вистински да го смениме нашиот живот, а со тоа и нашата средина. Секогаш можете подобро и повеќе. Сакајте повеќе, давајте повеќе, создавајте повеќе.