Статусот на останатите обвинители во СЈО ќе се регулира утре

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева веќе е разрешена, сега останува да се регулира статусот на другите јавни обвинители во Специјалното јавно обвинителство, бидејќи согласно законот нивниот мандат не може да го надмине мандатот на специјалната јавна обвинителка. За нив утре на седница ќе расправа Советот на јавни обвинители.
Јанева беше разрешена вчера на вонредна седница на Советот на јавни обвинители свикана доцна вечерта, откако претходно Парламентот едногласно го усвои предлогот за нејзино разрешување.
Претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски по седницата изјави дека Јанева едногласно е разрешена поради незаконско, нестручно и несовесно работење, а одлуката за нејзино разрешување стапува веднаш на сила и ќе биде објавена во службените гласила согласно процедурата.
За јавните обвинители кои се дел од СЈО, како што посочи Колевски, ќе мора да се применат одредбите од Законот за Специјалното јавно обвинителство за претставник на нивната функција.
– Тоа в понедленик ќе го констатираме со одлука. Став на Советот е дека не постојат услови за поставување на вршител на должност во Специјалното јавно обвинителство имајќи го во предвид самиот Закон за СЈО каде е наведено дека предлогот за именување на специјален јавен обвинител го дава Собранието. Очекуваме предлог од Собранието и ако биде доставен ќе постапиме по предлогот, бидејќи законот се уште е во важност, рече Колевски.

Loading...