Шест полицајци се повредени, а три лица се уапсени на крајот од денешната акција на косовската полиција против шверц во северно Косово, соопшти тамошната полиција.
Косовскиот премиер Албин Курти нагласи дека денешната акција на косовската полиција била насочена против шверц во Приштина, Пеќ и северните и јужните делови на Косовска Митровица.
Курти, изјави дека на денешната акција на косовската полиција и претходела интензивна истрага и дека е спроведена по наредба и во координација со надлежното обвинителство и суд. Курти објави дека се запленети стоки и докази, што претставуваат материјални докази.
Сепак, кога косовската полиција пристигнала во севрниот дел на Митровица, начекала барикади и луѓе на улица. Биле употребени солзавец и водени топови, а дел од медиумите соопштија дека еден од демонстрантите бил ранет и пренесен во болница. Токму овој момент уште повеќе ја наелектризирало ситуацијата, а се слушале и рафални истрели.
Српската страна не мисли дека е ова никаква акција против криминалци, напротив велат дека тоа е само тероризирање на српскиот народ.
„Уште еднаш ги повикувам КФОР и меѓународната заедница, и не се шегувам кога тоа го кажувам, да реагира и да го сопре лудилото на Албин Курти. Бидејќи ако КФОР не е способен да реагира и да го заштити српскиот народ, има кој сака“, вели Петер Петковиќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ имал итен состанок во Рашка, на кој присуствувало и дел од населението од северниот дел на Митровица, но и високи чиновници од армијата.Порачал дека Србија и Белград ќе застанат зад, како што вели, своите деца на Косово.
„Ако вие сакате, немојте да реагирате на ненасилство, но ако тргнат во насилство, ако тргнат во насилство, тогаш вие заштитете го својот народ, а ние ќе бидеме со вас“, вели Александар Вучиќ.
Насилните инциденти на северот на Косово мора веднаш да престанат, изјави шефот на европската дипломатија Жозеп Борел. Борел на Твитер нагласи дека еднострани и некоординирани дејствија што ја загрозуваат стабилноста се неприфатливи. Повици за смирување на страстите пристигнаа и од други европски лидери.