Црногорските пожарникари кои работеа дење и ноќе за гаснење на бројни пожари во земјата ќе бидат наградени со 1.500 евра и седумдневен престој во Институтот „Д-р Симо Милошевиќ“ во Игало, објавија премиерот Милојко Спајиќ и градоначалникот на Подгорица, Саша Мујовиќ.
„Тукушто се договоривме со градоначалникот Саша Мујовиќ, како израз на благодарност за напорите што ги вложија во последните денови, пожарникарите да бидат наградени со 1.500 евра и седумдневен престој во Институтот „Д-р Симо Милошевиќ“ во Игало“, напиша Спајиќ на мрежата X.
Спајиќ и Мујовиќ се согласуваат дека пожарите со кои се соочи Црна Гора во последните денови оставија голема штета. „Овие тешки денови нè обединија сите во борбата за спасување животи од огнената стихија пред сè. И како што обично е случај, најтешките битки раѓаат херои. Затоа, им должиме посебна почит и благодарност на припадниците на службите за заштита и спасување кои беа на првата линија на одбраната дење и ноќе“, се вели во заедничкото соопштение на РТЦГ.



