Широките фармерки се враќаат во мода

Levi Strauss & Co. за оваа 2021 година го најави враќањето на широкиот дизајн на фармерките, што значи дека тесните модели што ги обележаа претходните години, полека заминуваат во историјата.
Според компанијата, потрошувачите денес сакаат што поудобна облека и затоа е време за ретро-мода, како што најави извршниот директор Чип Берг.
„Мислам дека ние, некако, ја предводиме оваа индустрија, кога станува збор за овој тренд. Новите фармерки се многу пошироки од фармерките од минатата сезона. Овие модели се веќе во нашите продавници и се достапни и за мажи и за жени“, вели Чип.
Покрај Levi’s, новите модни трендови ги препознаа и други компании, како што е JNCO од Лос Анџелес, која повторно ги лансираше своите познати модели фармерки особено популарни во 90-тите…
„Иако пандемијата на коронавирусот негативно влијаеше на работата на многу брендови, продажбата на овие модели на фармерки порасна. Фармерките со широки ногавици имаат култен статус и удобни се. А, тоа е она што луѓето во мигов го бараат“, изјави Камила Рева, потпретседателка на компанијата.
Пандемијата сѐ уште има своја трага во продажбата кај повеќето компании, на пр. Levi Strauss & Co., чија продажба падна за 12 насто во последното тримесечје од 2020 година, што исто така, предизвика и пад на акциите на фирмата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.