Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество, вели Иванов

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.
Неговата честитка ја пренесуваме интегрално:
Создавање на азбуката е клучен чекор во писмениот и културниот развој на еден народ, таа е огледало на цивилизацијата и суштинско обележје на колективната свест и на идентитетот на народите.
Денешниот празник, 22 Ноември, е значаен ден за припадниците на албанската заедница во Република Македонија. Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество.
Почитувајќи ги идентитетските обележја и меѓусебните разлики ги потврдуваме нашите заложби за градење на подобар живот на сите граѓани и изградба на силна, напредна и европска Република Македонија.
Во оваа пригода на припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија сакам да им го честитам Денот на азбуката и да ги повикам сите граѓани заеднички да работиме на негување и зачувување на мирот и македонската традиција на соживот и почитување на различноста.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.