Впечатокот што изминативе денови можеби се појави кај некого во државата е дека Германија инвестира во правосудството помалку од Северна Македонија. Тој впечаток е погрешен – вели амбасадорката Петра Дрекслер за 360 степени.
Амбасадорката на СР Германија, Петра Дрекслер, вели дека со загриженост ја следи дебатата во земјава за тоа колку треба да изнесува буџетот за правосудството која се отвори по објавувањето на извештајот на Европската комисија за С Македонија. Во документот, меѓу другото, се констатира дека правосудството е финансиски зависно и под притисок на извршната и законодавната власт, но премиерот Христијан Мицкоски во неколку јавни настапи порача дека нема намера да ги зголеми финансиите за судството и јавното обвинителство. Меѓу другото, тој се повикува на анализа на буџетите за правосудството во европските држави за 2022 г. која покажува дека земјава издвојува поголем процент од БДП за оваа намена од голем број земји членки на ЕУ.
„Впечатокот што изминативе денови можеби се појави кај некого во државата е дека Германија инвестира во правосудството помалку од Северна Македонија. Тој впечаток е погрешен. Мора убаво да се погледнат бројките. Ако ги споредите податоците кои Европската комисија за ефикасноста на правосудството ги доби како резултат на испитувањето во 2022 г., ќе видите дека Германија уште во тоа време инвестирала во правосудството пет пати повеќе по глава на жител од Северна Македонија”, вели германската амбасадорка во интервју за „360 степени”.
Секако, додава Петра Дрекслер, знаеме оти мора да се земат предвид и фискално-политичките аспекти во преговорите за буџетот. Но, порачува амбасадорката на Германија:
„Ние како ЕУ ќе може да примиме само нови членки кои континуирано работат на тоа владеењето на правото да биде загарантирано”.
Премиерот Мицкоски упирно повторува дека не гледа причина да се зголеми буџетот за судството, затоа што, како што рече, Македонија одвојувала од буџетот пари за правосудниот систем повеќе од 75 проценти од земји членки на ЕУ.


