Ирачките Народни мобилизациски сили (ПМФ) соопштија дека осум нивни припадници загинале, а четворица биле ранети во заеднички воздушни напади на Саудиска Арабија и на САД врз нивни позиции низ Ирак, пренесува „Ал џезира“.
Саудиска Арабија и Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) рано утринава соопштија дека заедничките воздушни напади биле насочени кон проирански милиции во Ирак, кои, според нив, стојат зад нападите врз американски војници и врз саудиската енергетска инфраструктура.
Министерството за одбрана на Саудиска Арабија во соопштение наведе дека нападите биле изведени „како одговор на неодамнешните напади со беспилотни летала“ и дека саудиската противвоздушна одбрана „пресретнала и уништила повеќе дронови кои се обиделе да погодат нафтени постројки во Источната Провинција и во регионот на Ријад“.
„Кралството нагласува дека не бара ескалација, но ќе одговори на секоја агресија со која ќе се соочи“, се наведува во соопштението.
Во својата реакција, Народните мобилизациски сили – организација на ирачки милиции кои се поддржани, обучувани и лојални на Иран – оценија дека нападите претставуваат „исклучително опасна ескалација“ и кршење на суверенитетот на Ирак и на неговите официјални безбедносни институции.
Исламскиот отпор во Ирак, вооружена група поддржана од Иран, негираше каква било вмешаност во нападите врз Саудиска Арабија.
Групата ги нарече тврдењата на Ријад „измислици“ и порача дека „секој непромислен потег на Саудиска Арабија ќе биде дочекан со жесток одговор“.
Прашањето за Народните мобилизациски сили со години е предмет на несогласувања меѓу ирачката влада, САД и други соседни земји.
Според ирачките закони, ПМФ се дел од безбедносните сили на државата и директно му одговараат на врховниот командант, кој воедно е и премиер.
Претходните ирачки влади не успеаја да го ограничат влијанието на овие вооружени групи, кои повремено изведуваат напади врз Амбасадата на САД во Багдад и врз американски бази низ Ирак, игнорирајќи ги наредбите на владата и на војската.
Ирачкиот премиер Али ал Заиди в четврток ќе отпатува во Саудиска Арабија, само неколку дена откако им нареди на безбедносните служби да ги истражат нападите со дронови врз саудиска територија.



