„Пратениците од мнозинството денес повторно избраа да бидат соучесници во насилството наместо превенција!
Собраниското мнозинство повторно не ги поддржа измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, со кои сторителите ќе требаше, покрај забрана за приближување, да носат и електронска нараквица за следење и предупредување на жртвата. Предлогот не беше нов. Беше поднесен уште лани. И лани не помина. И сега повторно падна.
Пратеничкото мнозинство го одби предлогот на пратеничката и претседателката на ЛДП Моника Зајкова за воведување електронска нараквица за сторители на семејно насилство. Од 97 регистрирани пратеници, само 27 гласаа „за“, со што предлогот не беше прифатен.
„Пратениците од мнозинството денес повторно избраа да бидат соучесници во насилството наместо превенција, одбивајќи го по вторпат предлогот за воведување електронска нараквица за следење на сторителите на насилство – мерка што значи превенција, што значи спасени животи, што значи реална заштита. Предложените измени, покрај изречената забрана за приближување, бараат сторителот на себе да носи електронска нараквица која ќе ја предупредува жртвата дека истиот се приближува до одредено место, односно на одредена оддалеченост. Без збор. Без аргумент. А утре ќе изразуваат жалење за секој нов случај што не го превенирале“, ни изјави пратеничката Зајкова.
Зајкова на 5 март по вторпат го достави Предлог-законот за електронска нараквица со кој се овозможува заштита на жртвата. Eлектронската нараквица овозможува аларм на жртвата ако сторителот се наоѓа во нејзина непосредна близина.
Ова одбивање доаѓа во момент кога самите институции признаваат дека системот за заштита има сериозни слабости. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски пред само неколку дена изјави дека поддршката за жртвите може да се подобри и дека еден од големите проблеми е кога жртвата ја повлекува пријавата, најчесто под притисок од насилникот. Истовремено, Министерството за внатрешни работи води кампања со порака дека „има помош за живот без насилство“, а Министерството за социјална политика формираше работна група за итни измени на осум закони за посилна заштита на жртвите. Токму затоа политичката порака од Собранието звучи уште поапсурдно: додека институциите признаваат дека системот е слаб и најавуваат поправки, пратениците одбиваат една од најконкретните превентивни мерки.
Во меѓувреме, бројките и дневните полициски билтени покажуваат дека семејното насилство не е маргинален, туку континуиран проблем. Само во еден ден минатата недела МВР евидентираше 11 пријави за семејно насилство, со повеќе лишувања од слобода и службени разговори во различни градови. Во таков контекст, електронската алка не беше симболична мерка за политички маркетинг, туку обид насилникот да биде следен, а жртвата навреме предупредена и заштитена.
Проблемот со ваквото гласање е што повторно тежината на заштитата се враќа врз жртвата, а не врз сторителот. Наместо државата да изгради механизам што активно ќе го надгледува насилникот, жртвата повторно останува да пријавува, да бара помош, да стравува дали забраната за приближување ќе се почитува и дали институциите ќе стигнат навреме. Во земја во која веќе се отворија болни прашања за институционалните пропусти во случаи на семејно насилство, ваквиот однос на Собранието делува како одбивање да се учи од веќе платената цена.
Затоа ова не е само уште едно гласање што поминало тивко во парламентот. Ова е јасна слика за политички приоритети. Кога државата има можност да воведе дополнителна заштита, а избира да не го направи тоа, тогаш не може подоцна да зборува со ист тон за превенција, грижа и институционална реакција. Бидејќи електронската алка можеби не е целото решение, но нејзиното одбивање е јасен доказ дека ни најосновните чекори сè уште не се сметаат за доволно итни.


