Бесими на билатерален скрининг за финансиска контрола – Законот за буџети темел на реформите за подобрување на управувањето со јавните финансии

Министерот за финансии Фатмир Бесими во Брисел учествуваше на билатералниот скрининг, посветен на поглавјето 32 кое се однесува на финансиската контрола, а за кое поглавје Министерството за финансии е водечка институција.

„Подобрувањето на управувањето со јавните финансии во континуитет е  меѓу врвните приоритети на Владата, кој, исто така е и приоритет за пристапување во ЕУ. Како дел од реформата во јавната администрација е еден од клучните критериуми за оценување на напредокот на РС Македонија кон ЕУ. Процесот на постигнување на овој приоритет значи приближување на нашето законодавство со стадардите на ЕУ, подобрување на човечките капацитети и подобрување на целокупниот систем за управување со јавните финансии, а се води преку Програмата за реформи во управување со јавните финансии 2022-2025, која се заснова на концептот СМАРТ финансии, како и Националната стратегија за борба против измама и заштита на финансиските интереси на ЕУ во РС Македонија 2022-2025 година усвоена од Владата“, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека новата програма за реформи на управувањето со јавните финансии цели кон подобрување на среднорочната фискална рамка, зајакнување на процесот на буџетско планирање, зајакнување на системот за јавни набавки и подборување на внатрешната и надворешна контрола преку зголемување на тарнспарентноста и отчетноста на работењето. Како дел од таа реформа беше усвоен Законот за буџети кој ја поставува основата за современа фискална политика, подобрени среднорочни фискални проекции и зголемена транспареност. Оваа реформа беше нотирана и во Извештајот за напредокот на РС Македонија од Европската комисија.

Министерот истакна дека во изминатиот период се направени многу напори за натамошно усогласувње на националното законодавство со европското во оваа област и дека се спроведени низа реформски активности, а за што добиваме поддршка од ЕУ.

РС Македонија, како што посочи Бесими, ќе продолжи со реформските активности. Фокусот ќе биде ставен на усвојување на новиот закон за јавна внатрешна финансиска контрола и методолошки алатки и започнување со нивна имплементација со цел да се подобри транспарентноста, менаџерската одговорност и доброто управување со јавните средства, усвојување на нацрт-законот за државна ревизија, кој треба да ја подобри соработката помеѓу Државниот завод за ревизија и Собранието и да ја подобри парламентарната контрола над спроведувањето на буџетот и следењето на препораките на Државниот завод за ревизија и да се обезбеди воспоставување и ефикасно функционирање на координативната мрежа за борба против измами и да се подобри спречувањето, управувањето и известувањето за неправилностите што ги засегаат фондовите на ЕУ.

На состанокот во рамки на билатералниот скрининг беа претставени состојбата, усогласноста и натамошните планови за усогласување во областа на јавна внатрешна финансиска контрола, надворешна ревизија, заштита на финансиските интереси на ЕУ и заштита на еврото.

Министерот за финансии Фатмир Бесими вчера во Брисел учествуваше на билатералниот скрининг посветен на економските критериуми. Билатералниот скрининг е првиот чекор во процесот на пристапните преговори со ЕУ. Тој овозможува на земјите-кандидати да се запознаат со законите и стандардите на ЕУ и со обврските што произлегуваат од нив, како и со нивото на подготвеноста на земјите и нивните планови за натамошно усогласување. Во овој процес Министерството за финансии е водечка институција во осум области, односно поглавја во четири кластери, од вкупно шест кластери во процесот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.