БиБиСи: Денешниот протест во Белград е веројатно еден од најголемите во историјата на Србија

Денешниот антивладин протест во Белград е веројатно еден од најголемите протести во историјата на Србија, оценува британски Би-би-си, додавајќи дека смртта на 15 лица во уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад предизвика бран незадоволство кај властите и кај претседателот Александар Вучиќ.

Демонстрантите ја обвинуваат корупцијата и лошо извршените градежни работи за загубата на животи и веруваат дека несреќата е одраз на повеќе од една деценија владеење на Српската напредна партија на Вучиќ, која е поврзана со реновирањето на станицата. И покрај повеќекратните оставки и тврдењето на Вучиќ дека нема да се повлече, протестите продолжуваат да се шират, јави Би-Би-Си, повикувајќи се на изјавата на студентката по право Јана Васиќ дека студентите сакаат држава која функционира и институции кои ја вршат својата работа како што треба.

Би-Би-Си пишува дека протестите по уривањето на настрешницата во Нови Сад ги започнале студенти и не потсетува на нивните барања.

Студентите бараат целосна транспарентност и одговорност за уривањето на бетонско-стаклената настрешница на станицата во Нови Сад, која беше реновирана и повторно отворена во 2022 година во присуство на Вучиќ.

Тие бараат надлежните да ја објават целата документација поврзана со проектот за реновирање, нагласувајќи дека не се задоволни од податоците со кои располага досега.

Тие бараат и сите одговорни да бидат кривично гонети и осудени. Обвинителството поднесе обвинение против најмалку 16 лица, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ.

Но, судењето се уште не е започнато, а студентите се решени да продолжат со протестите додека не се исполнат сите нивни барања.

Би-Би-Си потсетува и дека премиерот Милош Вучевиќ на крајот на јануари најави оставка, но таа се уште не е потврдена од Националното собрание, па тој продолжува да ја извршува функцијата, нагласувајќи дека вистинската моќ во Србија е во рацете на Вучиќ, кој тврди дека нема да се повлече.

Извештајот ја цитира изјавата на потпретседателот на Партијата за слобода и правда, Борко Стефановиќ, дека опозицијата гледа на „експертска влада“ како единствен рационален излез од политичката криза, која би овозможила фер избори.

Како и другите лидери на опозицијата, Стефановиќ тврди дека во моментов не се можни слободни избори поради целосната контрола на Српската напредна партија врз медиумите и државните институции. Но, тоа не е меѓу барањата на студентите, кои ја бараат исклучиво вистината за несреќата во Нови Сад, јавува Би-Би-Си, додавајќи дека тешко дека студентите ќе се откажат додека не добијат задоволителни одговори, без разлика на исходот од денешниот протест.

Пронајдете не на следниве мрежи:

©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.