БиХ со протестна нота поради македонската марка со мапа на НДХ

Министерството за надворешни работи на БиХ упати во саботата протестна нота до амбасадата на Македонија во Сараево, поради тоа што македонската државна поштенска компанија објави поштенска марка со картата на Независна држава Хрватска.

„Министерството за надворешни работи на БиХ изразува загриженоста по повод промоцијата на поштенската марка со картата на усташката творба Независна држава Хрватска (НДХ), на којашто, меѓу другите, е вкличена и територија на независна и суверена Босна и Херцеговина. Министерството искажува надеж дека станува збор за ненамерен пропуст на Поштата на Северна Македонија кој остро ќе го осуди и Владата на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.

Од Министерството за надворешни работи на БиХ укажуваат на особената тежина на овој чин, бидејќи доаѓа на денот на одбележувањето на 75-годишнината од победата над фашизмот и Денот на Европа, но како позитивно го гледаат извинувањето од македонскиот државен поштенски оператор и одлуката за побвлекување на спорната поштенска марка од оптек.  А со неа, „ги разбудија духовите кои на овој простор предизвикаа страдања и сторици илјади недолжни жртви под усташкиот режим“, се истакнува во соопштението на босанскохерцеговската дипломатија.

Министерството, исто така, изразува надеж дека овој настан кој го толкуваат како „обид за ревизија на историските факти, нема да влијае врз изразено добрите и развиени билатерални односи“ со Македонија.

Во саботата вечерта, по жестоките реакции во македонските и регионалните медиуми, македонска пошта се извини поради „ненамерната грешка и техничките пропусти при објавување на пригодната поштенска марка од серијата ‘Северна Македонија во ЕУ’ чија дека е одбележувањето на претседавањето на Хрватска со Унијата“.

„На оваа поштенска марка поставена е погрешна карта на Република Хрватска и другите земји од регионот и поради тоа целиот тираж од 6.000 марки веднаш се повлекува од употреба“, се наведува во соопштението на Македонски пошти.

Малку претходно во саботата и Србија врачи протестна нота на вршителот на работите во македонската амбасада во Белград, истакнувајќи дека станува збор за „обид за историски ревизионизам“, кој „грубо ги нарушува билатералните односи … и соработката и стабилноста во целиот регион“.

„Министерството за надворешни работи на Република Србија го смета објавувањето на оваа поштенска марка и тоа на денот на победата над фашизмот, како непријателска провокација насочена против територијалниот интегритет и суверенитет на Република Србија, како и навреда за целиот српски народ кој страдаше во концентрационите логори во текот на Втората светска војна“, се вели меѓу другото во протестната нота на официјален Белград.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.