БОБИ МИЛЕВСКИ И ОФИЦИЈАЛНО Е НОВ СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНИЈА

По пет и пол години работа и испишување на историја за македонскиот спорт, Игор Ангеловски и дефинитивно ја завршува селекторската работа во македонската фудбалска репрезентација. Ќе го наследи селекторот на У-21.
Тоа што веќе подолго време се шушкаше, ФФМ денеска и го официјализира. Од 1 август на кормилото на македонската репрезентација седнува Боби Милевски.
Тоа е човекот кој ја однесе Македонија У-21 на младинското Европско првенство и кој сега ќе се обиде со успех да ги води и сениорите.
Неговото испразнето селекторско столче ќе го преземе Драган Канатларовски кој го водеше националниот тим од 1999-та до 2005-та година.
Соопштението на првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини:
„Најпрвин, од мое лично и од име на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија упатувам благодарност до Игор Ангеловски за неговата работа и придонесот кој го даде за успесите со македонската А репрезентација.
Игор Ангеловски самиот најави дека по завршувањето на Европското првенство ќе бара нови предизвици во својата кариера и сега е време ние да ја почитуваме неговата одлука и да ја покажеме нашата благодарност за неговата работа и страст во сите овие години на чело на македонската А репрезентација.
Визијата за нашата фудбалска иднина со Благоја Милевски на местото селектор на македонската А репрезентација е кристално јасна. Тој е човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и уверени сме дека тој пат мора да продолжи.
Му даваме доверба на Благоја Милевски да ја предводи македонската А репрезентација поради неговиот карактер, работната етика и човечките квалитети. Тој е тренер кој става личен печат на тимовите кои ги предводи и човек со дисциплина и исклучителна ментална сила.
Македонската А репрезентација ќе ја предводи селекторот Благоја Милевски кој ја создаде златната генерација македонски фудбалери која беше меѓу 12-те најдобри селекции во Европа и фудбалери кои веќе неколку години се дел од нашиот најдобар национален тим.
Веруваме во квалитетите на Благоја Милевски и убедени сме дека ќе продолжи со успех да ја предводи и А репрезентацијата. Уште повеќе затоа што на секоја разумна и личност со вистински вредности му докажа каков човек е и каков тренер е“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.