Велеше дека Адел е „премногу дебела“, а Хајди Клум „претешка“: Многумина ја бојкотираа Мет Галата поради контроверзните изјави на дизајнерот

Иако Мет Галата веќе заврши, контроверзната тема на настанот не престанува да се коментира. Многумина сметаа дека одлуката овогодишната манифестација да биде посветена на Карл Лагерфелд е многу проблематична.

На Твитер профилот „High Fashion“ беше соопштено дека нема да ја пренесуваат Мет Галата 2023 година бидејќи „нивните вредности не се во согласност со изборот на Карл Лагерфелд како тема“.

Она што е спорно во целата ситуација се расистичките и мизогини коментари на Лагерфелд, како и навредливите забелешки за женскиот изглед.
„Многу од нас всушност се дел од заедницата која Лагерфелд ја таргетираше во својот говор на омраза. Не е дека не го признаваме неговото наследство и не го негираме, но дел од неговото наследство се и штетните нешта кои ги кажа и ние всушност не сакаме да учествуваме во славењето на тоа“, изјави координаторката на споменатиот Твитер профил за „Time“.
Додека светската мода се бореше да биде поинклузивна кон различните облици на женската убавина, познатиот дизајнер на непримерен начин го коментираше изгледот на жената. Тој промовираше и нездраво слабеење во 2005 година во книгата „The Karl Lagerfeld Diet“.

Во една прилика изјави дека Адел е премногу дебела, а Хајди Клум претешка, како и дека анорексијата и не е толку опасна колку што се опасни нездравата храна или телевизијата, како и дека модата е „најздравата мотивација за слабеење“.
Во 2009 година, Лагерфелд за германското списание „Focus“ изјави дека никој не сака да гледа жени со облини.
„Дебели мајки со своите ќеси чипс кои јадат пред телевизорот и коментираат дека слабите манекенки се грди… Светот на убавата облека е свет на убавина и илузија“, изјави тој.

Дизајнерот имал фобија од дебелеење, а во интервју за „Harper’s Bazaar“ во 2009 година изјави дека Коко Шанел „не била доволно грда за да биде феминистка“. Во 2017 година, во француско ток-шоу го осуди прифаќањето на бегалци во Германија и изјави дека мигрантите се „навреда за жртвите на Холокаустот“.
Лагерфелд го негираше движењето „MeToo“, па во интервју за „Numero“ во 2018 година го бранеше стилистот Карл Темплер, кој беше обвинет од страна на повеќе модели за недолично сексуално однесување, велејќи дека му е доста од таквите обвиненија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.