Обидот на опожарување на објектот на Еврејската заедница и синагогата „Бет Јаков“ претставува удар врз мирот, стабилноста и соживотот, кои со векови се негуваат на македонска почва и врз кои се темели нашето општество.
Секое посегнување по туѓата светиња, без оглед на која верска заедница ѝ припаѓа, значи нарушување на основните вредности на почит, слобода и човечко достоинство. Непочитувањето на светињата на другиот е и непочитување на сопствената светиња – стои во реакцијата на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и на лидерите на петте верски заедници во државата, што денеска на прес-конференција ја прочита директорката на Комисијата, Оливера Трајковска.
Таа рече дека изразуваат осуда по повод немилиот настан што се случи во раните утрински часови на 12 април и изразуваат солидарност и поддршка кон Еврејската заедница.
– Затоа, во духот на заедништвото меѓу религиската соработка и заемното разбирање упатуваме повик до сите граѓани да покажеме одговорност, разум и доблест и да останеме чувари на соживотот. Заемната почит е меѓу најголемите вредности што ги поседуваме, па да ја чуваме и да ја оставиме како аманет за идните поколенија – додаде Трајковска.
На прес-конференцијата беа присутни поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан; скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов; поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема Шаќир Фетаху; претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви; и суперинтендантот на Евангелско-методистичката црква, пасторот Марјан Димов.


