Вечно име Ѓорѓија, Ѓурѓа, Ганка, Ѓурѓица – Ова се обичаите за Ѓурѓовден

Празникот на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден се празнува на 6 мај според новиот (или на 23 април според стариот) календар. Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.
Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка, Ѓурѓица и др.
Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец маѓу народот познат како Ѓурѓовден спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум. Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар. Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто. Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден, па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.
‒ Ѓурѓе ле, Ѓурѓе млад Ѓурѓе,
да кој ти рече да дојдеш?
‒ Мене ми рече Велигден!
Ѓурѓе ле, Ѓурѓе млад Ѓурѓе,
брго по мене да дојдеш,
по тебе шума и трева,
по трева идат ќејаи,
по ќејаи идат овчари.


Според едни извори свети Георгиј Победоносец е роден во Кападокија, во Мала Азија, според други во градот Бејрут, а според трети во Лида Палестинска, околу 270 година. Неговите родители биле богати, но чесни и побожни. Рано останал без татко, по што мајка му заедно со него се преселила во Палестина од каде што потекнувала и каде што поседувала голем имот. Таму го минал детството посетувајќи ги местата каде што Исус го проповедал своето учење. Тука се стекнал и со образование. Бил висок, убав и храбар поради што добил висока служба во војската. Уште на 20 годишна возраст добил висок чин – воен трибун, а подоцна императорот Диоклецијан го поставил за член на државниот совет, што, исто така, значело големо признание. Но тогаш императорот не знаел каква религија исповедува младиот воен старешина. По смртта на мајка му тој станал наследник на големиот имот, но набргу ги ослободил робовите, а имотот го разделил на сиромасите. Со тоа како да се подготвувал за јавно проповедање на својата вера.
Кога Диоклецијан започнал жесток прогон на христијаните, Георгиј му се спротивставил, ги зел во заштита неправедно прогонетите и самиот признал дека верува во Господ Исус Христос. Тоа многу го изнедило и го разочарало императорот кој бесен на својот војник наредил веднаш да биде затворен и подложен на најсурови мачења, со единствена цел да се откаже од својата вера и да му се врати на идолопоклонството. Но св. Георгиј не би бил Победоносец ако не бил толку истраен во свото убедување. Легендата вели дека ноќта пред да оди кај царот му се јавил Исус, на главата му ставил победнички венец и го охрабрил да издржи во своето верување ветувајќи му дека наскоро ќе го земе кај себе.
Кога св. Георгиј на императорот му рекол дека не е само негов туку и Исусов војник бил подложен на најсурови мачења. Најпрвин бил положен на грб, нозете му биле ставени во клада, а врз него бил турнат голем камен. Кога тоа не го поколебало, го ставиле врз тркало под кое имало штици со шајки кои му го парале телото. Кога и тоа не повлијаело го тепале со воловски жили, го ставиле во дупка полна со негасена вар и турале вода, му облекле усвитена облека, три дена го држеле закопан во земјата само со главата над земја. Најпосле му дале да испие отров, а кога и тој не дејствувал му ја отсекле главата. Гледајќи ги овие страдања на св. Георгиј особено брзото исцелување на раните и отпорноста на отровот, жената на Диоклецијан, Александра јавно изјавила дека го прифаќа христијанството, поради што била осудена на смрт. Одејќи кон губилиштето таа му се помолила на Господа и веднаш му ја предала својата душа.


Свети Георгиј е погубен на 6 мај (23 април, с.с.) според некои извори 303 година и секоја година на овој датум Светата црква го празнува споменот на својот Великомаченик. На иконите, св. Георгиј е претставен како војвода, како на коњ ја убива ламјата којашто се наоѓа под копитата на коњот. И во легендите се раскажува, а и во песните се пее дека светецот навистина ја убил ламјата што на народот му правела голема штета. Преку убиството на ламјата симболично е прикажан придонесот на светецот во борбата и победата над негативните демони. На иконите во заднина се гледа женски лик што ја претставува царицата Александра, којашто, исто така, свесно се жртвувала, исповедувајќи ја истата вера како и светецот Георгиј Победоносец.
На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи. Ниту за еден друг празник ги нема толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа има цел да осигура напредок и плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и напредок на луѓето. Овој празник има многу сличности со други празници кај разни народи во разни периоди од развојот на човештвото воопшто. Така на пр. има многу сличности со римскиот празник Палилија (21 април) кога Римјаните ги кителе стоката и шталите со зелени гранки, а овчарите на богот Палес му принесувале жртви за тој да ги заштити и луѓето и стоката од разни несреќи и да обезбеди напредок. Празници, според обичаите, слични на Ѓурѓовден можат да се сретнат и кај некои други народи. Така на пр. Литванците во 16 век на 23 април му принесувале жртви на богот на пролетта, растенијата и зеленилото.
Кај нашиот народ со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна пословица се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден“. На овој ден се избираат селски одборници, протуѓери, полјаци, потоа се главуваат момоци, овчари, козари, говедари итн. Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу, пред сè, полски работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на вегетацијата воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција. Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно значајно место заземаат оние т.н. билјарски обичаи и песни што се изведуваат при берењето на билките, вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро. Берењето на штотуку изникнатите и разлистени растенија е поврзано со обичајот запотнување, како и со обичајот крмење на стоката, а тие пак со верувањето во магичната моќ на билките. На билје се оди во блиските шуми каде што можат да се најдат разлистани некои билки за кои се верува дека поседуваат магиска моќ, како што се кукурекот, здравецот, вратиката, среќата, но и некои други растенија како леската, дренот и сл. Таму, во групи, девојки, млади невести или постари жени, ги изведуваат билјарските обичаи и ги пеат билјарските песни, како што се пее во една песна од зборникот на Васил Икономов:
Кинисале ми, кинисале ми, двесте девојки,
Двесте девојки, двесте девојки, триста невести,
Да ми одат, да ми одат на билје брање.
Двесте девојки, двесте девојки, билје копаје,
Триста невести, триста невести, цвеќе береје,
Цвеќе береје, цвеќе береје, венци виеје,
Венци виеје, венци виеје, на мошки деца.
Вечерта спроти Ѓурѓовден се запотнува со гранки од леска и со кукурек. Според верувањето потката треба да ги чува објектите и предметите од разни опасности, болести и други несреќи, а нивите заедно со бериќетот од секаква штета, од пороен дожд, од штетни животни, инсекти, болести и сл. Со леска се запотнуваат нивите, леите, куќите плевните и други поголеми објекти. Леската, според народното верување, е сигурен заштитник особено од град и гром. Во леска гром не удира бидејќи Господ ја благословил, а удира само во дрво под кое седи ѓаволот.
И кукурекот во народното верување има значајно место. Со кукурек се запотнува по вратите од куќите и плевните, потоа се става на креветите, ковчезите, амбарите, стомните, на бутинот, на каците, на бочвите, на плугот, јаремот, на колата итн. Вечерта спроти празникот кога билјарките одат на билје, бараат еден машки кукурек – самак (на едно место да има само еден корен). Го врзуваат со црвен конец и го оставаат да стои преку ноќта. Утрото на Ѓурѓовден пак се оди на билје и тој кукурек со мотика се откопува од корен. Со тој корен преку годината се лекуваат разни болести кај стоката. Во нашите истражувања во Дебарца (Охридско) ни беше рчено дека тоа лекување со коренот од кукурекот се вика спрежување. Имено кога ќе се разболи некое говедо, му се засекува кожата на градите и во засекот му се става од коренот на кукурекот со верување дека тоа ќе помогне болеста да биде победена. Најчесто вака се лекувала болеста кај коњите наречена бутур.
И вечерта спроти празникот и утрото на самиот ден кога се берат билките се пеат песни познати како билјарски песни во кои се опева токму тој чин, берењето на билките, запотнувањето, крмењето на стоката и др.
Ајде на билје бела Билјано,
Билје да бериш, стадо да крмиш,
Стадо да крмиш, стадо братово,
Стадо братово од брат Јанкула…
Од разните билки утрото на Ѓурѓовден се крми стоката. Билките се дробат на ситни делови, им се додава еден полжав што утрото го донесле билјарките, и тој издробен на ситни делови, се додаваат трици и сол и со таа крма се крми стоката со верување дека ќе биде поотпорна на болести во текот на целата наредна година.
И вапцувањето јајца со црвена боја има значајно место во ѓурѓовденските празнувања, исто како и во велигденските. Од Велигден до Спасовден (а во тој период редовно се паѓа и Ѓурѓовден) луѓето се поздравуваат со „Христос воскресе“ и си отпоздравуваат со „Вистина воскресе“, и вапцуваат јајца со црвена боја. За Ѓурѓовден јајцата се вапцуваат вечерта спроти празникот и никој, освен домаќинката што ги вапцува, не смее да ги види до утрото. Утрото пак, кога децата ќе се разбудат со црвено јајце им се минува по лицето со зборовите „Црвено бело дебело“ за да бидат дебели и црвени во образите како јајцето (црвенилото симболизира здравје).
Посебно значаен обичај што е поврзан со Ѓурѓовден е лулањето или нишањето. На зелени, односно сурови дрва (слива, врба, муренка, јаболкница и др.) се обесуваат ортоми и на нив преку целиот ден се нишаат децата, но и повозрасните девојки и момчиња, дури и помладите невести. Секој што е на нишалката во рацете држи црвено јајце, а во некои краишта уште и некој сребрен предмет (најчесто прстен), коприва, трева огојка, лепаец и камен. Среброто симболизира трајност, (долговечност), огојката – гоење, каменот ‒ цврстина, лепаецот се носи за да се лепат по девојките момчиња и по момчињата девојки, а и копривата во народните верувања поседува магиска моќ. При лулањето се пеат песни соодветни на возраста и положбата на оној што е на нишалката. Така, друга песна се пее на мало дете, друга на девојка или на момче, поинаква на невеста итн.
Самиот чин на нишањето е опеан во повеќе песни како што е оваа:
Од гранка в гранка, ај Ѓурѓе ле,
јунаку в рака.
Викум вукаше фидан Јован, Ѓурѓе ле:
‒ Кротко фрлајте, ај Ѓурѓе ле,
моето моме!
Да не ми падни, ај Ѓурѓе ле,
да се отепа.
Јаже јажливо, ај Ѓурѓе ле,
дрво црвливо
дрво шупливо, ај Ѓурѓе ле,
место камливо.
Чекај ја чекај, фидан Јован,
у десна рака,
у десна рака фидан Јован
у лева пола.
Со Ѓурѓовден се поврзани и други обичаи и верувања. Така на пр., на тој ден рано во зори се пука од пушка за да се избркаат болвите, луѓето се мерат на кантар поставен на некоја гранка од зелено дрво, девојките си ги намачкуваат косите со јајце за да им бидат полни и густи како јајцето и гатаат за да го дознаат идниот брачен другар. Се изведуваат и обичаи за заштита на стоката особено од преземање на млекото зашто се верува дека на овој ден со магии можело млекото од една млечна крава да се пренесе на помалку млечна или дури и на жена доилка.
Во верувањата поврзани со Ѓурѓовден важно место има легендата според која свети Георгиј ја убил ламјата. Оваа легенда што нашла место на фреските и иконите во повеќе цркви во Македонија е раскажана е во преданија и е опеана во некои песни:
Кинисал ми свети Ѓорѓија,
Кинисал ми на ден Ѓурѓовден,
кинисал ми на потка да одит,
да запотнит нивје и ливаѓе.
Кога беше сред поле широко,
Ги сусрете она суро ламја,
тој е извај него остра сабја,
Е пресеже она сура ламја.
Потекоа три силни порои,
Први порој се бела пченица,
Други порој она рујно вино,
Трети порој се руди јагниња.
Во Струга, на празникот Ѓурѓовден бил изведуван интересен обичај наречен ордија. Терминот ордија се однесувал на обичаите што се изведувале двата дена на 6 мај кога се правеле литии, и следниот ден, кога имало трпеза на љубовта. Имено на Ѓурѓовден по свечената литургија стружани, заедно со црковнослужителите, ги земале црковните реликвии и минувале низ чаршијата и другите улици и доаѓале на Црн Дрим. Тука се светела водата на реката во која имало ставени разни земјоделски предмети како што се: слама, јажици и др. потоа сите земале од водата и дома прскале низ куќата за дар и бериќет или се миеле за здравје.
Еден период кога црковните активности биле забранети овој обред се изведувал во кругот на црквата. Дури во 2010 година обредот бил обновен со нова содржина. Имено со благослов на надлежниот митрополит г. Тимотеј, монашкото сестринство од манастирот „Св. Ѓорѓи“ од с. Рајчица (Дебарско) и монашкото братство на манастирот „Св. Јован Бигорски“ под раководство на игуменот Партениј ги носеле светите мошти на св. Ѓорѓија.
Се верува дека Ѓурѓовден е најпогодно време за изведување на магиски дејствија. Од веќе заборавените магиски активности поврзани со овој повпечатливи биле преземањето на млекото од туѓата стока (овци, крави и сл.), како и симнувањето на Месечината. Се верувало дека преземањето на млекото можело да се направи само спроти Ѓурѓовден. Но тоа не можела да го направи секоја жена туку само жена што прајасала (престанала да раѓа). Ова магиско дејствие се правело точно на полноќ (глуво доба) и требало да се изврши во најголема тајност, зашто ако некој ја видел жената што тоа го правела магијата не дејствувала. Тогаш жената се соблекувала сосема гола (како од мајка родена) јавнувала едно кросно и одела на средселото. Тука три пати ја обиколувала чешмата водејќи сметка да не стапне во водата. Потоа се упатувала во дворот, шталата или трлото каде што се наоѓала стоката чие млеко сакала да го преземе. Пред да влезе во објектот три пати го обиколувала, растурала пепел од грнето што го носела со себе, и потоа влегувала кај стоката. Тука од грнето вадела пепел и истурала по еден грст на колците на кои била врзана стоката. Потоа молзела по малку млеко од секоја крава и пред да излезе од шталата, се испоганува на самиот нејзин влез. Притоа велела: „На мене млеко и масло, на тебе г….!“ – Потоа се враќала во својот дом по истиот пат по кој одела. Пепелот што го тура на колците го прави за тука сè да се запусти, а кај неа сè да се подмлади.
Народот верувал дека ако некој го украде млекото од стоката (овци, кози, крави) тие нема да имаат воопшто млеко, и тоа што ќе го имаат ќе смрди. Ова верување до скоро беше дел од нашата народна кутура. По селата многу се раскажуваше за стада каде што овците се слаби наранети, а јагнињата се големи и нахранети. Тоа се сматаше за последица од пренесување на млекото од едно стадо на друго.
Стефан Тановиќ во записите од Гевгелиско пишува дека оваа жена што презема туѓо млеко пред да тргне да ја изведува магијата, најпрвин ја симнува Месечината на земјата, а дури потоа ја прави магијата во врска со млекото. Симнувањето на Месечината исто така се правело на полноќ. Жената магесница излегувала незабележано, се соблекувала гола, го јавнувала кросното, одела зад куќата и тука застанувала на главата и потпирајќи се на рацете три пати се свртувала во круг. Потоа на местото каде што ѝ била главата се испоганувала (вршела нужда). Потоа пак го јавнувала кросното, завртувала три пати околу изметот и каснувајќи од него се свртувала кон месечината и велела: „Јас сум теле, ти си крава!“ Кога тоа ќе го речела три пати пак се свртувала околу изметот повторно ќе каснела од него и пак ќе ги речела истите зборови: „Јас сум теле ти си крава!“ Кога тоа ќе го речела и по трет пат и кога сè ќе направела, месечината голема како гумно, се спуштала и застанувала до неа. Месечината полека се претворала во крава и почнувала да рика токму како крава. Потоа ја допирала месечината и станувала невидлива. Откако тоа ќе го направела повторно завртувала околу изметот, каснувала од него и ѝ велела на месечината: „Јас сум жена, а ти си месечина, јас сум доле а ти си горе“. Кога ова три пати ќе го речела месечината од мака ќе рикнела, и ќе се кренела нагоре, а жената гола качена на кросното ќе си го продолжела патот таму каде што тргнала.
Тановиќ уште запишал дека народот за најголем грев го сметал симнувањето на Месечината. Кога ова му го раскажувала некоја баба околу петнаесет пати рекла: „Ристос да е тука!“ „Ристос да е меѓу нас… Не се овие работи за кажување“… Ако човек разберел дека се симнува месечината требало да се крие, да не излегува од дома. И ако имало запалена ламба требало да се изгасне зашто во тие моменти можело човекот да настрада, да му се земе паметот, рака или нога.
Многубројните и разновидни обичаи што се изведуваат на Ѓурѓовден, како што се оние со билките, песните што го опеваат разбудувањето на природата, радоста поради враќањето на животот по зимскиот пасивен период и сл. упатуваат на сознанието дека Ѓурѓовден е сточарски и земјоделски празник, а свети Георгиј е небесен клучар кој ги контролира небесните и земните природни појави што влијаат да биде богат бериќетот. Во песните свети Ѓорѓија е воспеан како небесен клучар кој како што се пее во една белоруска песна, ја отвора земјата, ја пушта росата за да биде топло летото и бујно житото. Но и обичаите со крмењето на стоката, со првото пуштање на добитокот на пасење, со жртвеното јагне и сл. упатуваат на тоа Ѓурѓовден да го сметаме за сточарски празник. Како и да е очигледно е дека се работи за голем празник во кој следиме повеќе слоеви на паганската и христијанската религија.
Освен празникот Ѓурѓовден што се празнува на 6 мај (23 април, с.с.) нашиот народ празнува уште два празника поврзани со овој светител и тие спаѓаат во зимскиот период кога се празнува со домашни случби (слави). На 16/3 ноември, на денот кога е обновен храмот на св. Георгиј во Лида, се празнува празникот познат како Ѓурѓиц, а на 9 декември (26 ноември, с.с.) празникот познат како Св. Ѓорѓи – Посен.
Тропар
Свети великомаченик Георгиј Победоносец
Како ослободител на плениците и заштитник на сиромасите, лекар на немоќните, помошник на владетелите, победоносецу, великомаченику Георгие, моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.