(ВИДЕО) Во снежниот бран што го зафати Пакистан загинати се најмалку 35 лица, од кои 22 се деца

Според експертите, врнежите од снег во Пакистан во март се изненадување затоа што во овој период од годината климата е претежно влажна

Најмалку 35 лица загинаа, а десетици други се повредени откако замрзнат дожд и неочекувани снежни врнежи погодиле области на Пакистан во текот на викендот.

Меѓу загинатите 22 се деца, од кои повеќето се згмечени во лизгање на земјиште што ги затрупало нивните домови, пренесува Би-би-си повикувајќи се на информациите од пакистанските власти за управување со катастрофи.

Екстремните временски услови ги погодија северните и западните региони на Пакистан, при што се затворени патишта и оштетени се стотици куќи.

Пакистанската армија прави напори за расчистување на патиштата затрупани со снег и за укажување на помош на заглавените патници.

Оваа операција ќе трае се додека не се постигне целосно обновување на сообраќајот.

Според експертите, врнежите од снег во Пакистан во март се изненадување затоа што во овој период од годината климата е претежно влажна.

Муштак Али Шах, поранешен директор на метеоролошкиот оддел во земјата, ги припиша необичните услови на климатските промени.

Тој вели дека слабо невреме со град што трае „неколку моменти“ нема да биде толку изненадувачки, но необично е тоа да продолжи над 30 минути.

Хаџит Шах, жител на областа Кирк во северозападната провинција Хајбер Пахтунхва, вели дека само еднаш доживеал да види снег.

„Колку што се сеќавам, имаше слаби врнежи од снег неколку минути пред околу 25 или 30 години“, изјави тој за Би-би-си.

Обилните дождови целосно уништија најмалку 150 куќи и делумно оштетија 500 други, главно во Хајбер Пахтунхва и југозападната провинција Балучистан, соопштија властите.

Струјата е целосно исклучена во некои квартови веќе неколку дена.

Покраинската влада на Хајбер Пахтунхва обезбеди помош за погодените области и најави финансиска помош за повредените и семејствата на загинатите.

Метеоролошкиот оддел на Пакистан во својата неделна прогноза објави дека наредните денови се очекува „главно студено и суво време“, иако некои делови на Балучистан и Кашмир треба да очекуваат „врнежи од снег над ридовите“.

Пронајдете не на следниве мрежи: