Станува збор за т.н. заедничко родителство или родителство 50:50, кое подразбира дека разведените родители имаат подеднакво право да ги гледаат и да учествуваат во животот на децата, освен ако нема оправдани причини едниот родител да биде оддалечен од детето/децата
Сегашното решение во Северна Македонија предвидува старателско право само за еден од родителите, додека другиот родител најчесто зависи од волјата и проценката на центрите за социјална работа и од односите со поранешниот партнер. Тоа би требало да се смени со првиот Граѓански законик, кој е во изработка
Средби кои траат едвај неколку минути, без разговор и без многу емоции… Но, за еден татко значат сè, бидејќи тоа е единствената шанса да се види со својот син. Еднаш неделно Бранко Брковиќ од Кавадарци патува за Скопје, каде во присуство на социјални работници, во посебно советувалиште, има право на едночасовна дружба со детето.
„Значи, јас чекам во просторија да влезе син ми за да си играме, да се зближиме. Тој влегува во просторијата, само ‘добар ден’ и само што ќе го прашам ‘како си помина’ или ќе му речам ‘дојди сине да те видам’, тој ‘догледање’ и излегува надвор. И сега службеничките ја повикуваат мајката да го внесе детето назад, да го охрабри за средба. И чекаме таа да го внесе во просторија, после две минути кога ќе погледнеме во ходник нив ги нема“,
раскажува Бранко Брковиќ од Кавадарци.
Ваква е ситуацијата последните две години, вели Брковиќ. Тој и неговата сопруга се разделиле пред седум и пол години, а детето кое тогаш било новороденче останало со мајката. Оттогаш таткото води битка со институциите, за што повеќе време да поминува со синот, кој според Брковиќ, речиси сосема се отуѓил од него, но не по негова вина.
„Првото решение кое го добив беше да го гледам два часа месечно, значи два пати месечно по еден час, што е за мене смешно. Затоа што домашно милениче да имате дома, да ве гледа два саата во месецот, ниту ќе ве сака, ниту ќе ве запознае. Барав неколку пати промена на решението и добив повеќе решенија каде што ми се удоволи, значи се наголемија средбите, да го гледам по два и пол часа. Меѓутоа, не беа остварени, се створи еден вакуум простор кајшто таа не го носеше. Се вадеа различни изговори да не се одржат средбите – детето е болно, детето не сака или таа не била слободна… Битно беше да не се одржат средбите. Реагирав на тоа до центрите за социјални работи, меѓутоа тие ништо не преземаа“,
вели овој татко.
По бројни дописи и реакции до инстиуциите, Брковиќ успеал еден период да издејствува денови кога ќе може да го зема од градинка и да добие неколку часа на само со синот. Но, и тоа не траело долго.
„Имаше еден период детето откако наполни три години, значи до три и пол години, тоа е пред да фати корона вирусот, онаа пандемијата, јас имав осум месеци прекрасни односи со детето. Значи, детето ме засака, едвај чекаше да го земам од градинка, да бидеме заедно.
–Имавте ли право да шетате некаде низ Скопје?
Да, решението ми беше дека по пет часа на територија на Град Скопје можам да бидам насамо без присуство на мајката. Забележав дека секогаш кога е со мене детето е весело, сака да го носам во Зоолошка градина, на Водно, во Градски парк да си играме“,
вели Брковиќ.
А токму таму се направени и последните заеднички фотографии на Бранко со синот, пред речиси четири години. Од ковид-пандемијата до денес, единствените контакти им се оние во советувалиштето. Својата лична приказна тој често ја раскажува јавно , како пример, како не треба да се однесуваат родителите по разделба.
„Детето е скроз отуѓено, да не расправам, за мојот случај е издадена и книга, романот ‘Отуѓување’“,
порача тој.
Во присуство на професори, адвокати и психолози неодамна се одржа дебата за заедничко родителство иницирана од здружението „Наши“. Оваа организација, чиј член е и Брковиќ, бара измени на Законот за семејство.
„Она што ние го предлагаме сега е да се престане со таа пракса на доделување дете на само еден родител, односно такво еднострано вршење на родителско право да биде можно само кога има сериозни индикации за тоа, односно цврсти докази дека едниот родител не е способен да го врши родителското право,“
вели Наум Рибароски, член на Здружението „Наши“.
Рибароски вели дека имаат и предлог за целосно нов концепт на плаќање алиментација, кој би требало да ја смени досегашната пракса на неплаќање од секундарниот родител, најчесто таткото.
„Во прв ред треба да се видат потребите на детето. Треба да се изготви табела за трошоци на детето која ги опфаќа основните износи на трошоците на детето што подразбира храна, школување, облекување, играчки и тн. Ние имаме изработено таква табела врз база на примерот од Хрватска и понатаму да се види колку заработува секој од родителите, не само едниот и колку време поминуваат со детето“,
додава Рибароски.
Предлозите веќе ги имаат споделено со правните експерти кои работат на првиот Граѓански законик во земјава, легислатива која треба да го собере и осовремени правото во повеќе области, вклучувајќи го и семејното. Во изработката учествува и професорот Дејан Мицковиќ од Правниот факултет при УКИМ во Скопје. Според него, неопходни се реформи во областа на семејното право. Постоечкиот закон не е менуван повеќе од 30 години и се смета за застарен.
„Драматично порасна бројот на разведени бракови и тоа отвори многу сериозна дилема пред законодавците. Да кажеме, во 1995 г. во Македонија имало 710 разведени бракови, сега бројот на разведени бракови отиде над две илјади. Предлог на комисијата е и самиот термин родителско право да се промени. И да се нарекува родителска одговорност. Сметаме дека тој термин многу повеќе ја одразува суштината на односот меѓу родителот и детето. Застарен е концептот каде што родителот има само права, а детето се смета за некаков објект на заштита“,
објаснува професорот Дејан Мицковиќ од Правниот факултет при УКИМ.
Концептот на заедничко родителство е еден од моделите што се предвидени во Граѓанскиот законик кој е во изработка. Но, не е единствен и нема да се применува по автоматизам, вели Мицковиќ.
„Дали ќе биде прифатен зависи од повеќе фактори. Пред се од желбата на родителите, од ставот на стручњаците, центрите за социјална работа, социолози, психолози, и се разбира од оценката на судот. А врвен приоритет мора да биде најдобриот интерес на детето и ние сега за разлика од сегашниот закон, го вградуваме најдобриот интерес на детето како основно начело на семејното законодавство“,
потенцира Мицковиќ.
Како би се спроведувал концептот на заедничко, односно 50-50 родителство, беше едно од прашањата на дискусијата. За дел од учесниците, овој концепт е неприменлив во пракса.
„Убаво е тоа да кажеме компаративни примери какви имаме, еве во Холандија компаративниот пример е – домот не се менува, се менуваат родителите. Значи, детето си останува дома, а родителите се мeнуваат. Еве, бидете реални дали е тоа во Македонија изводливо. Прво, нашиот менталитет тоа не го дозволува, ќе се испоколат во најголем број од случаите. Второ, економски прилики немате кај нас како во Холандија да си го дозволите тоа. Не сум согласен од проста причина што тоа ќе доведе до често менување на животна, социјална, па и школска средина, а не се ретки случаите каде што имате родители кои живеат во различни градови,“
вели адвокатот Јанаки Митровски.
„50-50 родителство не е дека на детето ќе му се мери на штоперка колку време ќе поминува со едниот, колку со другиот родител, туку 50-50 родителство значи дека стартна позиција ќе биде во секој развод, двајцата родители да останат заеднички родители и старатели на детето, освен ако нема исклучително добра причина едниот од нив да се исклучи“,
порача претседателот на Здружението „Наши“, Сашо Панговски.
Најголем дел од учесниците во дебатата целосно беа согласни во една работа – да се намалат надлежностите на Центрите за социјални работи.
„ЦСР не можат да носат одлуки кои што имаат големо значење и кои мора да бидат во надлежност на судовите. И тука исто ни е потребна институционалан реформа – да се зголеми бројот на судии кои работат предмети поврзани со брачни и семејни односи, да се обезбеди нивна специјализација бидејќи се работи за специфични спорови и конечно да го ставиме фокусот на она што е најбитно – а тоа се правата и интересите на децата. Ние сега на еднакво рамниште ставаме судење за меѓи, дали дрвото било кај едниот или кај другиот комшија и судење за суштински права на децата,“
вели Мицковиќ.
А како би требало во пракса да изгледа заедничкото родителство, сведочи Ивана Коцева. По разделбата со партнерот со кого имаат две деца, таа иако е од друг град, останала во Скопје. За доброто на децата, двајцата родители одлучиле физичката разделба да не значи и прекин на контактите.
„Живееме на многу мала раздалеченост, односно на километар раздалеченост, блиску до школото на децата. Така што, немаат промена во однос на средината на живеење, немаат промена во однос на училиштето, обврските, другарчињата. Гледаме колку е можно децата да не ја осетат таа промена во животот и се надевам успеваме во тоа“,
раскажува Ивана Коцева.
Меѓусебните контакти со таткото се речиси на дневна основа и се поврзани најчесто со потребите на децата, раскажува Ивана. Бидејќи заедничкото родителство во земјава не е законски дефинирано, Центарот за социјални работи им издал решение во кое е предвидено таткото да ги гледа децата секој втор викенд и еднаш преку една недела.
„Значи, мора да има еден примарен родител, така што децата ми се доверени мене, имаме решение за регулирање на контактите кое не е вака како што ние го практикуваме. Значи, ние генерално практикуваме една недела да бидат кај таткото, една кај мајката зашто така ни одговара и нам и на децата. Иако често правиме отстапки зависно од нашата ситуација, сите обврски,“
додава мајката.
На прашањето – што било пресудно да се одлучат за заедничко родителство, Коцева вели дека разделбата не била лесна на почетокот. И таа лично била од другата страна на приказната.
„Јас сум дете на разведени родители и знам поминував низ тоа што моментално поминуваат моите деца. Многу добро знам како се чувсвтвуваат, знам дека имаат потреба од двајцата родители, знам дека двајцата ги сакаат и ценат подеднакво. Заради тоа не сакам да им го ускратам правото ни од едниот ни од другиот родител. Прво, потребата нивна да се задоволи, а потоа нивните желби, зашто и тие самите кажуваат дека сакаат да бидат со двајцата родители подеднакво“
вели Коцева.
Дали концептот на заедничко родителство, кој е дел од работната верзија на Граѓанскиот законик, ќе стане една од опциите по развод, финално ќе зависи од пратениците во Собранието. А како би се применувал, ќе зависи од родителите и нивната одлука – дали по разводот двајцата ќе учествуваат во животот на децата или ќе ги користат како оружје за меѓусебна пресметка.