(Видео) Мерц исвиркан oд гневни граѓани за време на предизборна посета — го нарекоа „воен подбуцнувач“ и побараа негова оставка

Германскиот канцелар Фридрих Мерц вчера беше исвиркан и навредуван од дел од луѓето собрани во толпа за време на предизборната посета на летувалиштето Килунгсборн на брегот на Балтичкото Море, во сојузната покраина Мекленбург-Западна Померанија, јави германската новинска агенција ДПА.

Некои минувачи на шеталиштето покрај плажата го нарекоа Мерц „воен подбуцнувач“ и „Пинокио“, додека, пак, други извикуваа: „Оставка!“

Репортерот на Н-ТВ изјави дека локален кандидат на крајно десничарската партија АфД со десетина поддржувачи го чекал Мерц во Килунгсборн. Еден човек од насобраната група извикал дека ќе гласа за АфД, но не е потврдено дека сите оние што го исвиркале и навредувале канцеларот биле поддржувачи на таа партија.

На извиците на противниците на Мерц се спротивстави и дел од публиката. Некои во толпата им возвратија на гласните критичари на канцеларот и ги повикаа да се однесуваат пристојно.

Мерц им се обрати на граѓаните собрани околу изборната кабина на ЦДУ преку заштитната ограда.

Претходно најавената изјава на Мерц пред камерите не се одржа. На прашањето на новинарите, неговиот тим не објасни зошто е откажана.

Тоа беше првото предизборно појавување на Мерц во источна Германија во пресрет на покраинските избори. Изборите во Мекленбург-Западна Померанија ќе се одржат на 20 септември.

Пронајдете не на следниве мрежи: