Во голем број на родители, членови на семејствата и пријателите на 63-те жртви во пожатот во дискотеката во Кочани и денеска го одржаа протестниот „Марш за ангелите“, 15-ти по ред.
Во тишина повторно излегоа на улиците на Кочани, за да ја изразат својата болка и нивната заложба борбата за правда.
Родителите чии деца загинаа во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на денешниот марш за ангелите упатија порака кон оние што ги обвинуваат што ги пуштиле децата во диското, да се преиспитаат. Згрозени и револтирани од таквиот пристап, порачаа дека нивните најмили не се виновни што државата со непостапување овозможила објектот да функционира.
-Ние родителите сме од крв и месо се бориме за правда не за друго. Ако јавноста не напаѓа, нека биде сигурна дека сакаме еден ден да одиме горе кај децата. Тргнавме по божјиот пат да одиме нанапред и еден ден да бидеме со нив, затоа не лажеме, немаме смелост да лажеме. Целта ни е еден ден кога ќе отидеме при нив да кажеме дека сме дел од нив и дека сме ја докажаале правдата. Ама како што гледам нема да биде така. Ова не е трагедија туку убиство на 62 деца, рече една од присутните мајки.
Друга се приклучи и порача дека родителите не се партиски обоени.
-Не сме партиски обоени, да не ни пишуваат по коментарите „одете овој ќе ви даде пари, одете оној ќе ви даде пари“. Со пари ништо не се прави и не ни требаат. Да се свесни тие што седнуваат на функции дека нема да градат кариери на мртвите деца, за тоа да бидат известени кога ќе седнат во фотелјите. Судиите правично да судат. Ми се закануваат на Фејсбук конкретен човек. Треба да знае јавноста, некои госпоѓи и господа во коментарите да си ги гледаат своите деца и да се благодарни за нив, нешто нив кога би им се случило ќе ги прашам дали да седиме ние дома. Нека се стават една секунда во нашата кожа пред да искоментираат. Судиите криво нека седат право нека судат. Многумина пуштени во домашен притвор се шетаат, а нашите деца гнијат во земјата, рече друга мајка на маршот на ангелите.
Непосредно пред почетокот на маршот се огласи и Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани, кое во име на семејствата на трагично загинатите деца, испрати јавно соопштение со кое категорично го демантира премиерот Христијан Мицкоски и ја повикува Владата да ја објави целосната видео-снимка од состанокот што се одржал на 7 јули 2025 година, кога тој им рече „да ја одредат цената на нивните деца“.



