Владата потврди – Ненад Савески е предлог за нов државен обвинител

Ненад Савески е предлогот на Владата за нов државен обвинител. Одлуката ја донесе Владата на денешната седница.
Савески треба да биде изгласан во Собранието со најмалку 61 глас со што ќе стане првиот човек на државното Обвинителство.     Савески ќе треба да го наследи Љупчо Коцевски кој во декември даде оставка од функцијата откако беше поднесена негова интерпелација од страна на пратеници од владејачкото мнозинство.
Во меѓувреме, функцијата ја извршуваше в.д. обвинителката Анита Тополова-Исајловска, која исто така беше меѓу кандидатите во актуелната постапка.
– Предлогот се темели на стручни оценки и мислења од Советот на јавни обвинители. Одлуката е донесена врз основа на внимателна анализа на стручноста на кандидатот, изјави владината портпаролка Марија Митева.
Митева избегна конкретно да одговори дали Владата ги разгледала четирите кандидати за оваа функција.
– Имаше конструктивна дискусија. Владата одлучи да го избере овој кандидат кој смета дека ќе придонесе за зајакнување на правосудниот систем, рече Митева.
Премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско гостување на Канал 5 неодамна изјави дека обвинителката Ленче Ристовска не е во игра за државен јавен обвинител.
За позицијата државен јавен обвинител конкурираа пет кандидати од кои четворица добија позитивно мислење од страна на Советот на јавни обвинители и беа испратени како предлог до Владата.
Освен Савески, меѓу кандидатите беа и Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ.

Пронајдете не на следниве мрежи: