Препукувањето меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Лога дојде по денешната завршна прес-конференција на Кацарска како претседател на овој суд и пред утрешниот избор на нов прв човек на институцијата
Откако партијата ВМРО-ДПМНЕ ја нарече претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска „судски портпарол на СДС и ДУИ“, министерот за правда Кренар Лога реагираше дека тоа е недолично однесување од партија што треба да ја преземе власта.
Препукувањето меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Лога дојде по денешната завршна прес-конференција на Кацарска како претседател на овој суд и пред утрешниот избор на нов прв човек на институцијата. Со тоа на Кацарска ѝ завршува тригодишниот мандат и таа нема право на реизбор.
ВМРО-ДПМНЕ во соопштение го нарече нејзиното заминување „празник за правдата“.
„Жената која чувствуваше исполнетост во спроведувањето политички нарачки преку драконски казни за политичките конкуренти беше најголемиот срам за позицијата претседател на Уставниот суд во неговата историја. Дојде на функцијата како награда за казните за 27 април, без докази. Со посрамената Рускоска беа двоецот кој ќе биде запишан на црните страници на македонската историја“,
се вели во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува Кацарска и за врски со претходната власт на СДСМ и ДУИ.
„Таа е првиот и последен уставен судија избран откако претходно истиот суд пресудил дека прекршиле уставни одредби. Така функционираше пупка-судството во кое Кацарска беше еден од главните извршители“,
додаваат во партиското соопштение.
На ваквото соопштение од ВМРО-ДПМНЕ реагираше министерот за правда Кренар Лога за, како што вели, деградирачката реторика на политичката партија која претендира да управува со државата.
„Остро ја осудуваме деградирачката реторика на политичката партија која претендира да управува со оваа држава. Нападот врз независните институции е неприфатлив јазик за една земја членка на НАТО и земја која се наоѓа пред пристапување во Европската Унија“,
се вели во реакцијата од Лога.
Тој додава дека како министер и како министерство имале период на дебати и со претседателот и Уставниот суд, но во ниту еден момент тоа не било причина да се девалвира во јазик на омраза и лични квалификации кои, како што вели Лога, потоа се манифестираат на улица и како закани кон носителите на јавни функции.
„Сè уште има одлуки на Уставниот суд за кои не делиме исти ставови, но во ниту еден момент истите не смеат да послужат како изговор за оспорување на тие пресуди и деградирачки коментари“,
се додава во соопштението од Лога.
Тој упати повик до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да се издигне на висината на задачата што ја чека, и да не се однесува како на изборна кампања.
„Патот на консолидирање на демократските институции поминува низ почитување од страна на партиите и релевантните институции“,
додава Лога.
По огласувањето на Лога, ВМРО-ДПМНЕ со соопштение реагираа на неговата објава.
„Кога Кренар Лога ќе сака да глуми заштитник на наводната независност на судските институции добро е да објасни врз основа на кои од двата отсто доверба во судството го темели овој заклучок“,
велат од партијата и додаваат дека Добрила Кацарска станала уставен судија откако работата ја завршила со политичките прогони во Основниот кривичен суд.