Во германската кланица која е жариште на вирусoт работниците живеат во ужасни услови, меѓу нив има и Македонци

Отпад, миризба и расклатени кревети… Со години работниците од германската месна индустрија „Тонис“, кои доаѓаат од сиромашните европски земји живеат во вакви услови.
Досега никој не го интересираше тоа, а реакциите дојдоа дури откако кланицата на оваа месарска фирма, стана жариште на коронавирусот.

„До неодамна, во оваа куќа живееја 13 работници од месарницата“, вели во репортажата на „Дојче веле“ Инге Бултшнајдер, која со години работи за подобрување на работните услови на бугарските, романските, полските и македонските работници.
Таа 48-годишна жена со прст покажува кон ќошевите на една од собите: „Мувла каде и да погледнете“.


Иако влезната врата е отворена, од куќата во градот Реда-Виденбрик, која е на десетина минути возење од центарот на градот, се шири неподнослива миризба, пишува во репортажата „Дојче веле“.
Зад објектот се наоѓа стар замрзнувач кој очигледно е сè уште полн со месо.
„Тоа е месо од ‘Тонис’ што полека скапува таму“, вели Бултшнајдер, покривајќи го носот.
Пред неколку години, таа организирала демонстрации пред овој и другите објекти за сместување за да привлече внимание на условите за живот на работниците од Источна Европа.


„Никој не го интересираше ‘Тонис’, дури ни самиот град“, огорчено вели таа.
Но, сега тоа се смени: полициски службеници, претставници на здравствени установи и војници од Бундесверот се распоредени низ градот Реда-Виденбрик. Сите вработени во „Тонис“ и некои добавувачи се тестираат за коронавирус. Досега се пријавени над 1.500 позитивни случаи.
„Дојче веле“ опишува дека работниците живеат на многу различни места, распоредени во самиот град Реда-Виденбрик, но и во многу околни места.
Нивната екипа имала прилика да посети уште една од овие куќи, на само неколку минути од живописниот главен плоштад со кафулиња и ресторани.


На балконот на куќата седеле двајца мажи, пушејќи цигари и гледајќи во далечината. Зградата е во карантин и тие не смеат да излезат надвор.
„Доаѓаат од Северна Македонија, не зборуваат германски, некои зборуваат малку англиски. Тие велат дека никој со денови не им донел ништо за јадење. Покрај тоа, за нив е тешко бидејќи немаат контакт со своите семејства дома. Не им е дозволено да излегуваат надвор, а во овие простории немаат интернет“, се опишува во репортажата на „Дојче веле“ во која се додава дека од лица запознаени со проблемот добиле ветување дека ќе се погрижат состојбата да се подобри.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.