Во ЕУ и НАТО само под уставното име, дециден Иванов

Во Европската Унија и во НАТО треба да влеземе со нашето човечко достоинство, без уцени, притисоци и двојни стандарди, истакнал претседателот Ѓорге Иванов при приемот на акредитивните писма на Војчех Јежи Тичињски, новоименуван амбасадор на Република Полска во Република Македонија.
Иванов на церемонијата на предавање акредитиви, како што соопшти неговиот кабинет, истакнал дека македонско-полските односи ги карактеризира искрено пријателство, меѓусебна почит, континуиран политички дијалог и значајна динамика во соработката во повеќе области од взаемен интерес.
Претседателот Иванов порачал дека за нашата земја од особено значење е поддршката и помошта од Република Полска за реализација на нашите зацртани стратешки цели, членство во НАТО и во Европската Унија.
-Јас како Претседател на Република Македонија немам апсолутно никаква дилема дека местото на Република Македонија е во Европската Унија и НАТО. Но, таму треба да влеземе со нашето човечко достоинство, без уцени, притисоци и двојни стандарди. Суверената волја на македонските граѓани на референдумот треба да се почитува. Затоа, и по референдумот се надевам дека процесот за зачленување на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија ќе продолжи– рече Иванов.
Во таа насока, тој побара поддршка од Република Полска за деблокирање на процесот за членство на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија без притоа да се крши правото на самоопределување.
-Искрено очекувам и се надевам дека Република Полска ќе ги има предвид нашите аргументи, нашите постигнувања и дека поддршката во реализацијата на нашите цели ќе продолжи и во наредниот, исклучително значаен период. Европската перспектива е најдобрата гаранција за просперитет и стабилност на Балканот – порачал македонскиот претседател.
Амбасадорот Тичињски истакнал дека неговата земја придава големо значење на унапредувањето на билатералните односи и на зацврстувањето на пријателските односи меѓу двата пријателски народи. Во таа насока Тичињски посочил дека на вредностите кои ги приближуваат двата народи и двете држави треба да им се додаде уште едно нешто, а тоа е компатибилноста на заедничките интереси како партнери во меѓународните односи.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.