ВЈОСА ОСМАНИ: Во Косово никогаш повеќе нема да има српска војска ниту полиција

„На територијата на Република Косово никогаш веќе нема да има ниту полиција ниту војска на Србија“, порача косовската претседателка Вјоса Османи по најавите од Белград дека „се разгледува можноста“ за испраќање илјада војници во Косово, повикувајќи се на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.

„Хегемонистичкиот сон на Србија нема да заживее никогаш“, порача Османи коментирајќи ја изјавата на српската премиерка Ана Брнабиќ, при што оцени дека плановите за испраќање војска во Косово „докажуваат дека во таа држава продолжува да опстојува хегемонистичкиот начин на размислување“. Османи побара од меѓународната заедница да го осуди таквото однесување на српските власти.

„Отворената закана за полициска и воена агресија од страна на Србија докажува дека во таа држава продолжува да опстојува хегемонистичкиот начин на размислување. На ова треба јасно да се спротивстави и да го осуди сиот демократски свет, кој му го нанесе најсилниот удар на таквото резонирање токму во 1999 година“, напиша Османи на нејзиниот Фејсбук профил.

Пред Брнабиќ, вчера и директорот на Канцеларијата за Косово при српската влада, Петар Петковиќ, изјави дека се разгледува можноста за испраќање илјада војници во северно Косово, затоа што, според него, меѓународните мисии КФОР и ЕУЛЕКС не си ја вршат работата и српската етничка заедница таму е загрозена.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.