Во Србија со зголемување на бројот на заболени од Ковид – 19, паралелно со апелите за вакцинација која слабо се одвива, се повеќе се зголемуваат и барањата за воведување ковид пропусници, јави дописникот на МИА од Белград.
Координаторот на пунктот за вакцинација на Белградскиот саем, Зоран Бекиќ изјави денеска дека е за воведување ковид пропусници затоа што е дојдено „вистинско време“ за тоа и дека тоа е помошта со која се штитат животи.
Бекиќ за ТВ Прва посочи дека интересот на граѓаните за вакцинација, со растот на бројот на заразени лица, не е зголемен.
-Многу е потешко да се лекува пациент, отколку да се воведат ковид пропусници. Ако избираме помеѓу ова, мислам дека изборот е многу лесен, изјави Бекиќ.
Според него, пропусниците треба да им помогнат на невакцинираните луѓе, „бидејќи тоа ќе ги намали контактите, нема да можат да влегуваат во ресторани или кафулиња“.
-Тоа не е дискриминација, туку помош за јавното здравје, бидејќи така се штитат животите на невакцинираните луѓе, рече тој.
И вирусологот и микробиолог во Ветеринарниот институт во Краљево, Миланко Шеклер денеска се заложи за воведување ковид пропусници, нагласувајќи дека оваа мерка требало да се воведе многу порано.
Тој за РТС изјави дека би вовел ковид пропусници ако бројот на нови пациенти продолжи да расте, така што оние што го прележале Ковид-19 или биле тестирани, можат да влезат каде било.
Според него, тоа е единствената мерка што треба да се почитува и спроведува, имајќи предвид дека главните жаришта се преполните спортски сали без никакви епидемиолошки мерки, како и големите прослави.
-Не можете да дозволите да пуштите 20.000 луѓе, бидејќи игра репрезентацијата, и да ви е сеедно кој дошол и како влегол. Навивачите би дошле според некои принципи, за на тој начин да ги промовираме ковид пропусниците и да покажеме на дело дека тое се може, изјави Шеклер.
Тој наведе дека 50 отсто од населението во Србија е вакцинирано и предупреди дека „никогаш нема да биде нормална ситуацијата ако продолжиме да се однесуваме вака“.
-Бројот на хоспитализирани се зголемува, честопати ќе слушнете – видете го Израел, ја даваат третата доза, и што им вреди тоа. Здравствениот систем е растоварен, нема смртни случаи – наша идеја не е никој да не се разболи, туку што е можно помалку луѓе да бидат изложени на ризик за сопствениот живот или да го загубат животот, објасни Шеклер.
Тој додаде дека минатата недела беа заразени повеќе од 3.500 луѓе.