Вработените на Урологија се откажале од пари што им следуваат, за да купат клими и машини за перење за Клиниката!

Универзитетската клиника за урологија денеска ја промовираше новата, целосно реновирана болничка инфраструктура. Целосно е реновирано болничкото одделение со вкупна инвестиција од 300.000 евра. Од оваа сума, 100.000 евра се обезбедени од фондовската сметка, 100.000 преку донации, а останатите 100.000 евра од сопствени средства на Клиниката, соопшти Министерството за здравство.

„Просториите се целосно трансформирани во современи болнички соби, уредени како апартмани. Секоја соба е опремена со нови болнички кревети, ЛЦД телевизори, нови тоалети, клима-уреди и бактериолошки прочистувачи на воздух. Климатизацијата на целиот простор создава значително похумани услови за пациентите, особено во текот на летните месеци кога температурите се високи, а болничкиот престој може да биде непријатен“, пишува во соопштението.

Сепак, на здравствените власти и покрај инвестицијата од 300.000 евра, им недостасувале 8.000 евра за 18 клими и две машини за перење. Тука во пресрет излегле вработените, кои се откажале од надоместок кој им следува – субвенциите за службени мобилни телефони, во вредност од 500.000 денари (околу 8.000 евра). Со овие пари Клиниката ги купила двете машини за перење алишта и 18-те клима-уреди за болничките соби. Овој чин, според раководството на Урологија, е „суштинска посветеност на доброто на пациентите“.

– За нас, овој проект не е само реновирање на болнички ѕидови – ова е реновирање на системот, на вредностите, на односот кон пациентите и професионалноста во здравството. Посветени сме да создадеме Клиника која нуди достоинствен престој, современо лекување и човечка грижа. Благодарен сум на целиот тим што застанавме зад овие промени, со заедничка посветеност. За помалку од една година, Клиниката за урологија стана пример, како со тимска работа и со вистински вредности, може да се создаде модерен и ефикасен здравствен систем, достапен тука, дома – изјави директорот на Урологија, д-р Башким Шабани.

Пронајдете не на следниве мрежи: