Гледањето политички емисии е опасно по здравјето

Следењето политика предизвикува стрес и го нарушува сонот, тврдат научниците.
Истражување објавено во списанието „ПЛОС 1“, кое ги разработува физичките и емоционални последици од следењето вести и од самото учествување во политички расправи, посочува дека политиката на луѓето им причинува несоница, стрес, па дури и анксиозност.
Кевин Смит, политиколог од Универзитетот на Небраска, САД, инаку автор на трудот, го набљудувал американското општество за време на претседателските избори 2016 година. Тој притоа интервјуирал 800 луѓе за една година и открива дека кај 40 отсто од испитаниците имало знаци на стрес поради политиката.
Според испитувањето, 20 отсто од луѓето расипале пријателства поради политички несогласувања. Исто така, еден од петмина тврди и дека се чувствува уморен, а околу четири отсто имале самоубиствени нагони поради политиката.
– Политиката навистина негативно влијае врз животот на многумина, или барем тие така го сфаќаат тоа, па и навистина се одразува лошо врз нивниот живот… Стресот е реална појава, која може да има катастрофални последици врз здравјето. Ако политиката е причина за повисоко ниво на стрес кај возрасните Американци, тогаш – да, таа има вистински негативен ефект врз нивното здравје – вели Смит.
Натаму, 31,8 отсто од испитаните, она што ќе го чујат, прочитаат или видат на вести, а се коси со нивните лични убедувања, ги збеснува. Дури 29,3 отсто сметаат дека поради политиката губат самоконтрола, а 11,5 отсто изјавиле дека политиката им влијае неповолно врз физичкото здравје.
Само 22,1 отсто признаваат дека не ги интересира многу кој добива, а кој губи.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.