Грипот зема замав

Во текот на изминатата недела (од 11 февруари до 17 февруари), во државава се регистрирани 2.943 заболени од грип, што е зголемување за 31 отсто споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 2.246 заболени од грип, се наведува во извештајот, што на својата веб страница го објави Институтот за јавно здравје.
Бројот на пријавени лица оваа седмица е помал за 21,1 отсто споредено со истиот период минатата сезона. Оваа седмица, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 112 материјали за тестирање на грип, од кои 72 (64,3 отсто) позитивни за присуство на вирусот на грип – 50 Influenza A(H1)pdm, девет Influenza A(H3) и 13 Influenza А несуптипизиран.
Најголем број заболени (1.861) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 284 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст до четири години.
Според податоците од 26 извештајни единици, најголем број заболени се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Струмица (486), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Кавадарци (673,9 на 100.000 жители).
Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 9.314.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.