Земјоделците од северна Грција, кои веќе четири дена со трактори стојат на грчката страна од преминот „Евзони“ (Богородица), денеска повторно ја блокираа границата и го прекинаа сообраќајот кон и од Македонија, објави „Катимерини“.
Блокадата започна кусо по 13 часот по локално време, а непознато е колку време ќе трае блокадата, со оглед на тоа што, како и во изминатите денови, беше ненајавена.
Грчките земјоделци традиционално не ги најавуваат своите блокади – тракторите остануваат паркирани на премините, а на дневни состаноци одлучуваат кога и колку долго ќе го прекинуваат сообраќајот. Истата практика продолжува и сега: покрај „Евзони“, привремени блокади денеска имаше и на преминот „Ники“ кај Лерин, како и на „Промахонас“ кон Бугарија и на „Кипи“ кон Турција, каде што не се пропуштаат камиони.
На повеќе локации земјоделците дури поставија новогодишни елки, симболична порака дека се спремни да протестираат и за празниците.
Протестите почнаа во неделата и се најавува нивно постепено засилување до 5 декември, без најава кога би можеле да завршат.



