Грчките земјоделци ја одбија поканата од Мицотакис и најавија поголеми протести

Грчките земјоделци, кои протестираат поради доцнењето на исплатата на земјоделските субвенции и растечките трошоци за производство, ја одбија поканата на Владата за разговори, со што продолжува застојот во преговорите, објави „Катимерини“.

Земјоделците соопштија дека в недела ќе ги достават своите барања до премиерот Киријакос Мицотакис и до надлежните министерства, барајќи јасни одговори пред евентуална средба, а посочија и дека ќе го зголемат интензитетот на протестите.

Мицотакис претходно ги покани на состанок во премиерската резиденција Максимос.

Илјадници земјоделци веќе неколку дена со трактори и камиони поставуваат блокади низ целата земја, предизвикувајќи нарушувања во сообраќајот на повеќе делници од главните автопати и повремено блокирајќи гранични премини. Тие бараат исплата на повеќе од 600 милиони евра задоцнета помош од Европската Унија и други неисплатени средства.

Граничниот премин „Евзони“ (Богородица) од 11:00 часот е затворен за сообраќај, информираше АМСМ.

Од македонска страна, пак, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, па граѓаните можат да ги користат другите гранични премини.

Пронајдете не на следниве мрежи: