Двајца припадници на американските сили и еден американски цивил кој работел како преведувач беа убиени денес откако американските и сириските сили беа нападнати во сирискиот град Палмира за време на мисија во централна Сирија, соопштија американски воени претставници.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, изјави за мрежата X дека нападот се случил за време на „средба со клучни локални лидери“, додавајќи дека уште тројца припадници на американските сили се ранети во инцидентот, објави CBS News. Според него, мисијата била дел од тековните операции против терористичката организација Исламска држава (ИСИС).
Централната команда на САД (CENTCOM) соопшти дека нападот бил резултат на заседа од „осамен напаѓач на ИСИС“ во Сирија и дека напаѓачот бил убиен. Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, изјави дека „партнерските сили го елиминирале напаѓачот“, додавајќи дека САД ќе ги гонат оние кои напаѓаат американски граѓани насекаде во светот. Амбасадорот на САД во Турција и специјален пратеник за Сирија, Том Барак, ја осуди она што го нарече „кукавичка терористичка заседа“, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите и желби за брзо закрепнување на ранетите сириски војници. Како што објаснува CBS, САД имаат стотици војници распоредени во источна Сирија како дел од меѓународната коалиција против ИСИС.
Иако организацијата беше поразена во Сирија во 2019 година, нејзините таканаречени „скриени“ ќелии продолжуваат да извршуваат напади. Според Обединетите нации, ИСИС сè уште има помеѓу 5.000 и 7.000 борци во Сирија и Ирак.



