Двете страни се посветени на изнаоѓање решение, процесот продолжува

Медијаторот Метју Нимиц по попладневната заедничка средба со шефовите на дипломатите на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас во Виена истакна дека имале интензивна дискусија во која двете страни покажале меѓусебна почит.

– Двете страни се посветени на постигнување решение и процесот ќе продолжи во следните недели, изјави Нимиц по средбата што се одржа во канцеларијата на ОН во Виена.

Министрите Димитров и Коѕијас по средбата не дадоа изјави за медиумите.

Премиерот Заев денеска изјави дека очекува да биде направен исчекор на средбата во Виена.

– Има напредок кој ни дава причина да веруваме дека може да се направи исчекор и сега, во Виена, да ја искористиме секоја можност за приближување кон конечното решение. Верувам дека креативноста на двајцата министри, тимовите зад нив и јас и Ципрас од другата страна даваме поддршка и охрабрување за да се изнајдат конструктивни и креативни решенија кои буквално ќе ги задоволат двете страни во нивните очекувања и ќе бидат достоинствени за двете земји и нивните граѓани, рече Заев.

Во пресерет на новата рунда разговори за името се огласи и грчката Влада преку портпаролот Димитрис Ѕанакопулос. Рече дека Атина во преговорите направила отстапки, и сега е време и Скопје да ги направи неопходните чекори за постигнување договор.

Посочи дека Грција има два јасни услова: прво сложено име и второ важење на името ерга омнес, нешто за што предуслов е модификација на уставното име на соседот.

Грчките медиуми ја карактеризираат денешната средба во Виена како клучна и решавачка. Новинарите кај јужниот сосед, потсетуваат дека дека разликите остануваат непроменети, а насјпорен е опсегот на името што ќе биде договорено.

И претходната средба во ист формат беше одржана во Виена на 30 март. Во меѓувреме Коѕијас и Димитров имаа билатерални средба на 12 април во Охрид.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.