Ќе има решение за студентскиот оброк – Премиерот и министерката остварија средба со студентите

Понуда да добиваат ваучери што ќе можат да се користат исклучиво за купување храна во одредени продавници, ресторани и бифеа ќе добијат претставниците на студентите на денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерката за образование, Весна Јаневска.

Министерката Јаневска, на денешниот национален форум „Млади за интегритет – од гласот на младите до институционални промени“, кој се одржа во Скопје, рече дека одлуката е кај студентите. Ваучерскиот систем би се вовел по примерот на Словенија и би претставувал промена во однос на актуелниот систем, според кој студентите добиваат по 840 денари неделно. Тие пари можат да ги трошат по сопствен избор, вклучително и за производи што не се храна, како цигари и алкохол.

– По новото барање, јас сум апсолутно сигурна дека ќе најдеме некакво решение и мислам дека сме блиску до изнаоѓање решение. Им понудивме ваучерски систем сличен на оној во Словенија, што беше барање на претходното раководство. Тие ќе можат да го користат тој ваучер во провајдери за храна – сендвичарници, пекарници, ресторани, кои ќе бидат соодветни за нив, за да ги користат средствата како субвенција за храна, а не за цигари, алкохол и за други свои потреби, оти законот е за субвенција на оброк, на еден оброк. Нашата понуда им е кажана. Тие треба да одлучат што сакаат. Прво треба да го прифатат ваучерскиот систем. Доколку го прифатат, ќе преговараме – потенцира Јаневска.

Во однос на тврдењата на студентите дека сегашниот износ на паричниот надоместок од 140 денари три години не е усогласен со стапката на инфлација, Јаневска рече дека не е точно тоа.

– Согласно со законските измени од 2023 година, субвенционираниот студентски оброк беше зголемен од 120 на 140 денари. Тогаш. Износот е покачен повеќе отколку што беше инфлациската стапка. Покачувањето од 20 денари ја покрива 2025 година, односно и дел од 2026 година, до нивното ново барање. Од нивното ново барање, за кое заеднички се согласивме, сега разговараме понатаму за тоа што сакаат тие. Ние сега ги слушаме нивните барања – рече Јаневска. (Б. Ѓ.)

Нема пријави за корупција во образованието

Во моментов нема пријави за корупција во образованието, а доколку има, ќе се постапи според закон, нагласи министерката Весна Јаневска.

– Во минатото имаше примери на пријавена корупција во високото образование. Сега, иако се зборува во јавноста дека сè уште постојат одредени такви примери – нема пријавено, нема конкретни пријави за кои би можело да се постапува – нагласи Јаневска.

На собирот беше промовиран прирачник како да препознаат учениците, наставниците и родителите корупција и неправилности во образованието, како и дигитална алатка – апликацијата „Глас против корупција“, на која може безбедно да ги пријават случаите кај надлежните институции.

Пронајдете не на следниве мрежи: