Девет европски земји понудија помош по пожарот во Кочани

Европската Унија ја покажува својата солидарност по вчерашниот трагичен пожар во Кочани и одговори на барањето на Северна Македонија за активирање на Механизмот за цивилна заштита, информира денеска портпаролката на Европската комисија за социјални права и вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравство Ева Хрнчирова.

– Ние веднаш реагиравме и понудивме да евакуираме пациенти со тешки изгореници. Девет европски земји – Хрватска, Грција, Романија, Словенија, Шведска, Литванија, Луксембург, Унгарија и Норвешка, веднаш понудија помош, а би можела да следи и дополнителна помош, изјави Хрнчирова.

Tаа истакна дека неколку пациенти веќе се пренесени во Унгарија со поддршка од Луксембург, а со поддршка на Романија други се префрлени во Литванија.

– Сега ја координираме идната медицинска евакуација до други земји и нудиме лекување, додаде портпаролката на ЕК.

Европската комисија уште вчера потврди дека ЕУ добила барање од земјава за помош во справување со последиците од пожарот во ноќниот клуб во Кочани.

– Би сакале да изразиме најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и до сите оние кои се погодени од трагичниот пожар во Кочани, нагласи Хрнчирова.

Пронајдете не на следниве мрежи: