Денес национална донаторска акција- Нахрани 10.000

На светскиот ден на храната Македонија се приклучува со хуманитарната акција „Нахрани 10.000“ за собирање храна, која е во организација на Асоцијацијата „Ајде Македонија“ е национална акција за донирање храна на одбрани локации и нејзино дистрибуирање до социјално загрозените граѓани. Целта е на граѓаните да им се даде можност редовно да донираат храна до нашите сограѓани преку собирање еднаш месечно на 10 тони храна која ќе заврши во рацете на 10.000 граѓани.
Хуманитарниот настан ќе започне во 10 часот и ќе трае до 19 часот. Акциите ќе се случуваат на 30 локации во 8 града во Македонија и тоа во Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Кочани и Виница.
-Секој месец ќе се случува настанот „Нахрани 10.000“. Сакаме да прерасне во редовна активност во која граѓаните ќе им помагаат на ранливите категории сограѓани, кои не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно, велат организаторите.
Во нивниот апел се препорачува сите хумани граѓани да донираат храна, која не се расипува лесно како: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа кокошкина, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.
Според Државниот завод за статистика Македонија има проблем да обезбеди храна за 445,099 луѓе кои во просек имаат по еден оброк дневно. Од друга страна, годишно во Македонија се фрлаат околу 12.000 тони храна со која би се обезбедиле по три оброка дневно за околу 26 000 граѓани.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.