Денес продолжува расправата за вториот нацрт-амандман на Уставот

Комисијата за уставни прашања вчера го усвои Првиот нацрт-амандман за промена на Уставот со десет гласови „за“ и пет против, со кој се предлага замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот освен во член 36 каде има историски аспект. Исто така ја започна и расправата за вториот нацрт амандман со кој во Преамбулата на Уставот одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор. Таа денес ја продолжува расправата за вториот нацрт-амандман на Уставот, но и на вториот ден опозицијата и власта останаа на спротивни ставови.
Опозицијата повторно обвини дека целиот процес за промена на името и Уставот се одвивал нетранспарентно и без консензус и дека не е испочитувана волјата на народот искажана на референдумот. Предложија со нацрт-амандман да се обезбеди заштита на се она што значи менување на уставно име.
На ова реплицираше заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, кој ги отфрли обвинувањата дека процесот бил нетранспарентен и дека не била консултирана опозицијата. Посочи дека биле одржани шест тет-а-тет средби за целиот процес да се објасни.
Денес продолжува расправата за вториот Нацрт-амандман со кој во Преамбулата на Уставот одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор. Опозицијата обвини дека со овој амандман и измените што се прават во Преамбулата се бришат деветте одлуки на АСНОМ, од кои, како што рекоа, четири имаат државотворно значење. Заменувањето на одлуките со Прогласот, рече не смее да се прави, бидејќи Прогласот е само известување до граѓаните за донесените одлуки. Вметнувањето на Рамковниот договор, според пратениците од опозицијата, е дополнително проблематично и тоа отвора можности за федерализација и бинационална држава. Со ставањето на Рамковниот договор во Преамбулата, се отвора можност да се прогласи албанскиот јазик за службен на целата територија на државата.
И на ова реплицираше Жерновски, кој истакна дека тоа е апсолутна невистина и груба измама на граѓаните на Република Македонија.
-Да се каже дека одлуките од Прогласот се бришат е ноторна невистина. Напротив она што го кажуваме и што премиерот го потенцира, она што ние го правиме и правните решенија за кои зборуваме од Прогласот дополнително се потенцираат и зајакнуваат, рече Жерновски.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.