Ден на архивите и на архивистите

Денеска се одбележува 1 април – Ден на архивите и на архивистите. Државниот архив претставува значајна научно-историска и културна институција, која во изминатите 73 години е витален склад на историски записи и документи што даваат увид во минатото на земјава.

Ден на архивите и на архивистите

-На 23 јануари 1950 година е донесен првиот Општ закон за државните архиви во Југославија, а потоа, на 6 јануари 1951 година, Народното собрание на НР Македонија го донесе Законот за државните архиви. Во 1951 година, врз основа на Законот за државните архиви на НРМ, на 1 април е формиран Државниот архив на НРМ (од 1965 година го носи името Архив на Македонија, од 2000 година – Државен архив на Република Македонија, а од 2019 година Државен архив на Република Северна Македонија). Затоа овој ден го одбележуваме како ден на архивите и на архивистите во државава. Освен централниот дел, во периодот 1951-1962 година се отворени одделенија низ градовите во целата држава: Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Куманово, Велес, Штип, Струмица и Тетово, се наведува во соопштението од Државниот архив.

Во изминатата година во издание на Државниот архив излегоа од печат книгите „Нико Зупанчич и Македонија во 1903“, „Албански документи за историјата на Македонија – Префектура Дебар“ и „Македонски архивист“ бр. 31-32. Се релизираа изложбите, „Стари балкански фотографии“, „Мисионерка на милосрдието – Мајка Тереза“, „140 години од раѓањето на Милтон Манаки“ и „Македонија памети. Никогаш да не се заборави“. Остварена е соработка со Државните архиви на Шпанија и Австрија како и учества на низа меѓународни конференции и семинари од областа на архивистиката.

Државниот архив членува во неколку меѓународни организации – Меѓународниот архивски совет (International Council on Archives – ICA) и Интернационалниот центар за архивско истражувањe (International Centre For Archival Research – ICARUS).

Архивот е одговорен за собирање и зачувување записи од историско и културно значење. Исто така во него се преземаат образовни и едукативни активности, изложби, конференции и работилници за промовирање на проучувањето на историјата и за подигање на свеста за важноста на зачувување на историските документи.

Државниот архив почна да ги дигитализира сите документи што ги поседува. Се планира да се дигитализираат 25.000 документи, со што ќе се овозможи нивна поголема заштита и достапност до сите граѓани како и до научната јавност.

-На овој ден им оддаваме признание, почит и благодарност на архивистите од целата држава за придонесот, за нивната неуморна работа на зачувување на културното и на историското наследство на нашата земја како и за нивната посветеност на заштитата на нашето наследство за идните генерации, велат од Државниот архив. 

Пронајдете не на следниве мрежи: