Претседателот на Движењето ЗНАМ Максим Димитриевски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ осврнувајќи се на различните ставови на пратеникот Миле Цеков, потенцираше дека партијата останува отворена за внатрепартиска дебата и различни мислења, но со јасна граница за почитување на програмските определби и довербата на гласачите.
Тој нагласи дека ЗНАМ се гради како демократска партија која не исклучува, туку ги развива своите демократски капацитети, но истовремено очекува одговорност од секој избран функционер.
Додаде дека пратениците пред сè мандатот го добиваат од граѓаните, а потоа и од политичката партија, поради што секое евентуално отстапување од програмата мора да биде објаснето пред јавноста.
„Не можете никого да држите со сила. Кој сака може да си оди“ – нагласи претседателот на ЗНАМ, потенцирајќи дека политичката одговорност е лична, а довербата на гласачите клучна.
Движењето ЗНАМ останува цврсто на своите принципи и демократски вредности, подготвено да продолжи со отворена и инклузивна политика, но без компромис кога станува збор за довербата на граѓаните и основните програмски определби на партијата.


