„Во периодот кога го судев предметот за поранешниот премиер Никола Груевски, кога ја објавив пресудата, после неколку дена отидов една недела на одмор во Грција, со моја другарка. Таму бев физички нападната на плажа, бев удрена со клоца во ногата, во пределот на глуждот. Имав голем оток, имаше модринка и со таква нога возев до Скопје“, кажа Кацарска
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, вечерва обзнани дека освен последните закани кои стигнаа до неа, а за кои јавноста беше запознаена, во изминатите години била и физички нападната.
Нападот, како што рече таа, се случил на плажа во Грција во перидот кога го судела предметот за поранешниот премиер Никола Груевски.
„Во периодот кога го судев предметот за поранешниот премиер Никола Груевски, кога ја објавив пресудата, после неколку дена отидов една недела на одмор во Грција, со моја другарка. Таму бев физички нападната на плажа, бев удрена со клоца во ногата, во пределот на глуждот. Имав голем оток, имаше модринка и со таква нога возев до Скопје“,
кажа Кацарска во вечерашното гостување во „Топ тема“ на телевизија Телма.
Прашана дали таму пријавила во полиција, Кацарска рече дека не пријавила затоа што сметала дека е изолиран случај, но оти го прекинала одморот и наредниот ден се вратила во Скопје.
За тоа дали во земјава се чувствува побезбедно затоа што има обезбедување, Кацарска даде негативен одговор.
„Во истиот тој период го добив обезбедувањето по претходна безбедносна проценка, секако без мое барање. Тоа беше кога имаше и еден настан што се случи во Кривичен суд, во мојата канцеларија. Оттогаш го имам обезбедувањето. Инаку, не се чувствувам безбедна затоа што постојано ова се случува“,
рече Кацарска.
Таа раскажа и за ситуации кога на јавно место имало случаи некој да се стрча кон неа со намера физички да ја нападне, но, како што вели, кога ќе го види обезбедувањето лицето се повлекувало и бегало.
Кацарска вели дека нема сознанија кој стои зад овие напади и додава дека што и да каже би било во рамките на шпекулации.
„Со оглед дека бев 34 години судија во Кривичен суд, научена сум да носам одлуки исклучиво врз основа на факти, врз основа на изведени докази. Што и да кажам би било во рамките на шпекулации. Така што, јас немам сознанија кој стои зад овие напади“,
додаде таа.
Последните два случаи, кога до нејзиното гаражно место, каде што го паркира приватното возило, пронашла импровизиран кревет и забоден кујнски нож, но и кога маж и упатил вербална закана во трговски центар, Кацарска вели дека се првите што ги пријавила.
„Првпат пријавувам сега за овие два последни настана, а за тоа претходно што се случувало не сум пријавувала иако за некои настани од обезбедувањето усно пријавуваа кај нивните надлежни“,
рече таа.
На прашањето дали досега во заканите била наведена причина, Кацарска рече дека заканите биле со пцовки, навреди, имало зборови во смисла „ќе видиш ти кого судеше“, но, како што рече, не кажале за кое судење се мисли.
Околу последните два случаи кои ги пријави, Кацарска вели дека е изненадена од реакциите на некои адвокати кои биле објавени на Фејсбук.
„Слушам, бидејќи јас не користам Фејсбук, меѓутоа ми се пренесуваат некои работи што се пишуваат дека некои адвокати велат дека не е ова закана што се случило, па се повикуваат на член 144 став 1 дека требало по приватна тужба да се расчистува тој случај. Изненадена сум адвокати тоа да го зборуваат, бидејќи прво не станува збор за став 1 туку за став 4, има измени на Кривичниот законик“,
додаде таа.
Кацарска овој месец пријави случај кога до нејзиното гаражно место, каде што го паркира приватното возило, пронашла импровизиран кревет и забоден кујнски нож. Три дена подоцна, во близина на трговски центар во центарот на Скопје, педесет и седумгодишен маж вербално ѝ упатил закани, со зборовите „ќе одговараш, страшно ќе одговараш“, по што интервенирало нејзиното обезбедување.
Кацарска добивала закани и на социјалните мрежи, за кои не реагирала сè до случајот во нејзината гаража.
Претседателката на Уставниот суд денеска имаше прес-конференција, на која презентираше дел од активностите за време на нејзиниот тригодишен мандат.