Домашните кучиња задолжително да се кастрираат, казните да се зголемат на 700 евра

Задолжителна кастрација на домашните кучиња и зголемување на глобите од 100 на 700 евра, предвидуваат измените во Законот за заштита и благосостојба на животните, кои денеска треба да се разгледуваат на собраниска седница во прво читање.
Измените се предложени од пратениците: Маја Морачанин, Лилјана Поповска, Никица Корубин, Ирена Стефоска, Ивана Туфегџиќ, Милева Ѓоргиева, Шпреса Хадри, Мирсада Емини Асани, Снежана Калеска Ванчева. Како што е наведено во појаснувањето, измените се предлагаат за да се спречи неконтролираното и неограничено зголемување на бројот на улични кучиња, кои во најголем дел, како што стои, потекнуваат од размножување на домашните миленици.


Во членот 27 од постоечкиот Закон, се предлага вметување на нов член, кој гласи:
“Сопствениците на кучиња во репродуктивен период се должни да ги кастрираат, односно ојаловат своите кучиња во установите од ставот (1) на овој член, освен оние сопственици што имаат регистрирано одгледувачници на кучиња. Трошоците за овие постапки се на товар на сопствениците на кучињата.“
Измените во законот предвидуваат и зголемување на глобите од 100 на 700 евра доколку сопствениците на кучиња не ги пријавуваат своите миленици еднаш годишно во ветеринарните амбуланти, клиники и болници овластени за спроведување на ветеринарно здравствена заштита. Сопствениците и сега се обврзани да ги регистрираат и пријават кучињата на свој трошок, но глобата за непочитување на оваа обврска до сега изнесуваше 100 евра.
700 евра ќе треба да плати и сопственикот кој нема да истакне табла на влезната врата од домот со која се укажува на присуство на куче, исто така кога нема да го држи своето куче врзано на јавно место, или кога нема да пријави легло од своите животни во овластена ветеринарна амбуланта.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.