Европа инвестира во критични минерали, Македонија сè уште не го користи бакарот од Иловица

Европската Унија сè поинтензивно инвестира во обезбедување на критичните минерали неопходни за зелената транзиција, додека Македонија сè уште не го искористува својот потенцијал за производство на бакар. Претседателот на Европската асоцијација на рударската индустрија (Euromines), Јан Мострјом, предупреди дека зависноста од увоз на критични суровини претставува сериозен ризик за европската економија.

Во Македонија, пак, најголемата најавена инвестиција во секторот останува проектот за бакарниот рудник „Иловица“, проценет на околу 350 милиони евра. Бакарот е на листата на критични минерали на Европската Унија, а неговата побарувачка и цена продолжуваат да растат на светските пазари. И покрај тоа, проектот сè уште не е реализиран, а државата засега не ги користи можностите што ги отвораат новите европски политики за критични суровини.

„Македонија има обврска да создава нови работни места, да отвора нови производствени капацитети и да ги користи сопствените природни ресурси на одговорен и законски начин. Во спротивно, ќе продолжиме да го гледаме истиот тренд – помалку работни места, помалку инвестиции, послаб економски раст и сè поголемо иселување на младите луѓе. Особено загрижува што во јавноста сè почесто најгласни се оние кои без соодветна стручност се претставуваат како експерти за сè – од рударство и геологија, преку економија, па сè до право и меѓународни судски постапки. Во едно демократско општество секој има право на мислење, но одлуките што ја одредуваат иднината на државата не смеат да се темелат на претпоставки, стравови или лични убедувања“, соопштија неодамна од иницијативата.

Повеќе експерти повикаа Македонија да се приклучи кон европскиот пристап за ископ на критичните минерали. Според европските познавачи пак, рударската индустрија е клучна за зелената транзиција.

„Европа не може да биде целосно независна во однос на металите и минералите, но е важно да имаме одржлив и отпорен синџир на снабдување, кој е во основата на зелената транзиција. Тоа е пред се поврзано со електроснабдувањето. Гледаме трговски војни и ограничувања за извоз на овие суровини, па затоа би кажал дека е исклучително важно да имаме одговорна рударска индустрија во Европа, како и отпорен синџир на снабдување, барем за дел од овие суровини“, вели претседателот на Euromines.

Мострјом додава дека постојат голем број на опасности и „ако немате сопствено производство и ништо што да предложите во замена, тогаш сте целосно зависни од оние кои ви ги доставуваат тие материјали“.

„Многу е опасно. Првото нешто што го гледаме во моментов како резултат на разговорите помеѓу САД и Кина е воведување на ограничувања за извоз на овие суровини, што има влијание врз производителите во Европа. Тоа е опасно и од гледна точка на зависноста, зашто би се обложил дека дел од земјите кои ги извезуваат овие суровини всушност не сакаат да ги извезуваат суровините, туку да извезуваат финални производи. На пример, Кина не сака да ги извезува ретките земни елементи, туку електрични возила. Тоа означува дека Кина ќе биде конкуренција на европската автомобилска индустрија. Затоа би оценил дека последиците можат да бидат огромни, како од финансиска и економска гледна точка, така и од гледна точка на одбраната. Голем дел од овие материјали се употребуваат во одбранбената индустрија. Ако Европа не располага со конкурентна одбранбена индустрија, ќе чекаме на увоз. Тоа исто така ќе биде сериозен проблем за сигурноста. Затоа, темата е исклучително важна“, вели Мострјом.

Тој заклучи дека фокусот треба да се постави, не на намалување на еколошките услови кон рударската индустрија, туку кон поефикасни процедури за дозволи кои би привлекувале инвестиции за ископ, но и повеќе геолошки истражувања.

Пронајдете не на следниве мрежи: