Експертите бараат повеќе мерки, кризата е многу поголема од 2022

Повеќе мерки од досега преземените за ублажување на последиците од кризата, бараат експертите според кои актуелната криза со нафтените деривати е многу поголема од онаа во 2022 година. Експертите сметаат дека покрај намалувањето на ДДВ од 18 на 10 проценти потребно е да се намалат и акцизите со што директно би се влијаело на цената.
– Ако ја намалите акцизата, на тој начин имате директен ефект врз цената на нафтените деривати, без оглед што е ниска кај нас и не треба многу да се фалиме дека е најниска во регионот, па им помагаме и на соседите. Многу сме богати да им помагаме на соседите, но, добро, тоа е тоа, вели академик Таки Фити.
Според професорот Ванчо Узунов, мерката на Владата за намалување на ДДВ-то е недоволна и задоцнета затоа што веќе има зголемување на цената на горивата што ќе влијае и на зголемувањето на трошоците на сите стоки и услуги.
Неизбежно следува инфлаторски бран, предупредува професорот Узунов, според кого треба да се воведат нови мерки особено наменети кон најранливите категории.
– Хаос се решава ако им се каже на сите субјекти кои се мерките однапред. Најранливите категории граѓани се веќе осиромашени, а оние што до неодамна не биле под линијата на сиромаштијата, многу големи се изгледите да паднат во сиромаштија до летото. Значи, Владата ќе треба да преземе мерки со кои ќе ги зголеми парите што ги трансферира до ранливите категории, не до сите, не секому и не на сите граѓани, туку на ранливите, за нивниот стандард да не се уништи. Мерките треба да бидат селективни, смета Узунов.
Владата засега останува на единствената мерка што ја донесе за намалување на ДДВ за горивата. Вели дека будно се следи ситуацијата и ако има потреба ќе се интервенира додека дел од основните прехранбени производи веќе бележат зголемување како зејтинот, јајцата, доматите….

Пронајдете не на следниве мрежи: